Дејвид Јоханс има прастар автомобил, произведен во 1999-тата. Ама затоа има неверојатно добра реклама што ќе го продаде.
Тој работи како дигитален директор за една австриска агенција, па со помош на колегите снимија модерна реклама по сите стандарди – реклама што прави неговиот стар Холден Барина да изгледа како модел од 2014-та година. Пред два дена, тој ја објави рекламата со наслов „BuyMyBarina“ на Youtube, a веќе има повеќе од 130.000 прегледи и десетина понуди од купувачи.
„Возење – редефинирано. Стил – редефиниран. Перформанси – редефинирани. Луксуз – редефиниран. Може да е твоја!“ е слоганот на Јоханс, со јасна доза на потсмев кон претераната употреба на терминот во модерните реклами.
Но, тој не застанува кај рекламата. Јоханс креираше и вебсајт посветен на тоа да го најде најдобриот купувач за неговиот сакан автомобил. „Овој Холден Барина ќе го направи секое друго патување да изгледа здодевно и монотоно“, стои на страната.
Очекувано, рекламата собра многу внимание. Веќе паднаа и првите понуди, меѓу кои има една што нуди „40 галони солзи од еднорози“.
Еве го и видеото (редно беше):