Пред околу два месеци, 3-годишната Викторија Вилчер доживеа страшна несреќа која резултираше со изгубено око, трајни видливи лузни, и парализирана половина од нејзиното лице. Имено, на почетокот на месец мај, таа при посетата на нејзиниот дедо, била напрадната од три кучиња од расата пит бул, при што се здобила со повреди низ целото тело, но најмногу на лицето.
И како целата оваа физичка и психичка траума да не е доволна, таа пред неколку дена додека јадела заедно со нејзината мајка во познатиот ланец на ресторани KFC, била замолена да го напушти ресторанот, бидејќи како што и кажале вработените, „нејзиното лице ги вознемирувало присутните клиенти“.
Иако е малечка, сепак, Викторија била навистина повредена од овие зборови, и плачела целиот пат кон дома.
„Таа досега има направено неколку операции, и уште многу и претстојат. Нејзината самодоверба е толку уништена што не сака ниту случајно да помине пред огледало. Дури и кога одиме во продавница, таа не сака да излезе од автомобилот за да не ја гледаат луѓето. Викторија има само три години, а е засрамена од нејзиниот изглед. А јас го мразам фактот што се чувствува така, бидејќи сметам дека не треба да и биде. Не е нејзина вина“, изјавила нејзината мајка Мулинс.
„Што се однесува до мене, јас никогаш повеќе нема да стапнам во ниту еден ресторан на KFC“, додала таа.
Благодарение на фан-страната на Фејсбук преку која семејството на Викторија после несреќата испраќаше апели за финансиска помош со која ќе им помогнат при плаќањето на операциите и третманите, оваа приказна се рашири со брзина на светлината од хуманите граѓани кои биле згрозени од ваквата реакција на вработените на ресторанот.
За кратко време се појавија и „KFC“ со реакција во која го искажаа нивното најдлабоко извинување, и најавија дека ќе го истражат случајот, и ќе донираат 30.000 долари кои ќе им помогнат на семејството при плаќањето на медицинските трошкови.
Всушност, за само неколку денови бројот на фанови на нејзината страница на Фејсбук порасна од околу 300 на повеќе од 60.000 следбеници, кои се заинтересирани да и помогнат.