Во Македонија минатата година имало 36 лица чие што лично богатство надминувало 30 милиони американски долари. Заедно овие 36 македонски граѓани вкупно „тежат“ 4 милијарди долари, информираат за „Утрински весник“ од „Велт икс“, организација која ги има во фокусот најбогатите луѓе на планетата. Според нивниот извештај, лани светската популација на ултрабогати луѓе нараснала на рекордни 199.235 лица, кои заедно поседувале имот вреден 27,8 билиони долари. И покрај економската криза, растот главно е во Северна Америка и во Европа, каде што имало 10 илјади богати повеќе, со вкупен пораст на богатството од 1,5 билиони долари.
За разлика од поранешните извештаи, во овој Македонија не е издвоена како земја за која одделно се даваат податоци за најбогатите. Таа е сместена во графата „остатокот во Европа“, па така нашите 36 мултимилионери се меѓу 920 поединци кои заедно имале 104 милијарди долари.
Според „Велт икс“ на Стариот континент имало 58.065 лица со богатство над 30 милиони долари, или вкупно нивното богатство се проценува на 7,6 билиони долари. Од земјите во регионот, во Србија лани имало 100 ултрабогати поединци, за десет повеќе од 2012 година. Во Хрватска, пак, лани имало 280 мултимилионери, 20 повеќе од една година претходно, но таму нема промена во вредноста на нивното богатство кое и лани останало на ниво од 30 милијарди долари. Дури и во Грција, која изминатите години минуваше низ голема економска криза, „Велт икс“ изброил повеќе мултимилионери – 505 наспроти 455 во 2012 година, но и поголемо богатство кое го поседувале – 60 милијарди долари, за десет милијарди повеќе од 2012 година.
Лани клубот на ултрабогати во нашата земја се зголемил за еден, во споредба со 2012-2013 година, кога последен пат имаше одделни податоци за нашата земја. Но, нема промена на нивното вкупно богатство кое го поседуваат – и тогаш и сега тие располагаат вкупно со 4 милијарди долари, проценува „Велт икс“. Македонија во тогашниот извештај беше рангирана на 42. место (од вкупно 45 европски држави) според бројот на поединци кои се сместени во категоријата екстремно богати.
„Велт икс“ не наведува кои се луѓето кои располагаат со најмалку 30 милиони долари. Тие својата анализа ја базираат на сознанија добиени врз основа на користење обемна и ексклузивна база на податоци (според пресметките за акциите во јавни и приватни компании, недвижнини и инвестиции, уметнички колекции, летала, готовина и други средства).
Деновиве со своја проценка за богатството на најбогатите луѓе излезе и регионалното издание на магазинот „Форбс“, според кое во Македонија на врвот се кралот на челикот Минчо Јорданов и нафташот Андреја Јосифовски. Ова е втора година по ред како што магазинот прави ранг-листа на најбогатите луѓе на Балканот, во која доминираат поединци од другите ексју-републики, заклучува весник.