Откачена птица: Пее како фотоапарат, аларм, моторна пила и се друго што ќе слушне

Обично, песната на птиците е синоним за прекрасна мелодија. Но, песната на овие птици повеќе потсетува на професионален имитатор.

Овој „дечко“, типичен жител на Австралија, е вистинска имитаторска ѕвезда во птичјиот свет. Тој може да ги имитира звуците на над 20 други видови птици, но и најголемиот дел од звуците што ќе ги чуе во неговата околина, и тоа речиси перфектно. Посликовито, „lyrebird“, како што го нарекуваат, може да имитира звуци на фотоапарат, моторна пила, автомобилски аларм и се друго што може да ги импресионира женките во близина. Секој звук што ќе го слушнат останува запаметен речиси засекогаш, а се пренесува и на следните генерации. Така, во шумите каде што овие птици живеат можете да чуете звуци на стари фотоапарати (бидејќи често биле, и се фотографирани), како и звуци на секири, кои луѓето ги користеле пред моторните пили.

За да биде уште погламурозно, пред секој „настап“, мажјаците ја подготвуваат „сцената“ – расчистувајќи дел од земјата на шумскиот под и правејќи мало брдо за да им послужи како концертен подиум.

Што повеќе звуци може да имитира, толку попривлечен е за женките. А зарем некоја може да одолее на прекрасниот звук на пилите на шумските дрвосечачи?

Научниците, љубопитни какви што се, ја имаат тестирано точноста на имитацијата на „лирската птица“ преку нејзиниот ефект врз некои од останатите видови птици. Резултатите покажуваат дека другите птици наседнуваат на имитацијата, мислејќи дека звукот доаѓа од некои од „нивните“.

 

- Реклама -