На вториот круг од претседателските избори и на предвремените парламентарни избори на 27 април граѓаните ќе бидат обележувани на левиот, наместо на десниот палец, како што беше на изборите за претседател на 13 април.
Државната изборна комисија (ДИК) пред празниците донела ваква одлука поради трагите од мастилото кои се забележуваат на десните палци кај граѓаните, информираат од Комисијата.
Кога гласачот ќе дојде во избирачкото место да гласа, според инструкциите на Државната изборна комисија, членовите на избирачкиот одбор најнапред треба да проверат дали тој има белег од видливо мастило за обележување на гласачи. Потоа следува проверка на документите за лична идентификација на гласачот и дали тој е запишан во единствениот Избирачки список, по што му се издава гласачкото ливче и се обележува со видливото мастило. Избирачот кој нема да дозволи да биде обележан со видливо мастило нема да може да го оствари правото на глас.
Извор: Макфакс