Како викенд предлог, а може одмор предлог, планинарскиот дом „Караџица“ е место кое плени, место кое го ослободува умот и го полни духот, место кое смирува и од кое тешко ќе си заминете.
За само неполни два часа пат од Скопје, ќе се најдете на 1450 метри надморска височина на прекрасната Јакупица, каде што се наоѓа планинарскиот дом „Караџица“ кој е изграден со љубов и зрачи со карактер.
Датира од далечната 1945 година, кога Борис и Павлина го создале и ги отвориле вратите на домот.
Има добиено „Сребрена значка“ за заслужна работа во планинарството на ниво на Југославија.
Локалната легенда вели: „Во селото Порече си живееле две фамилии, Јакуп и Даут, биле многу блиски пријатели, но еден ден кучето на Јакуп ја нападнало ќерката на Даут, кој пак го убил кучето. Поради ова Јакуп со цел да му врати на Даут се обидел да ја убие ќерка му. Откако почнале немирите меѓу двете фамилии тие се замразиле и едната фамилија отишла на едната планина до селото, а другата фамилија на другата планина. Од тогаш двете планини постојано се судруваат една во друга, а денес се викаат Јакупица и Даутица“.
Денес местото самостојно го оддржуваат вредните домари на домот „Караџица“ Ѓорѓи, Филип и нивни блиски пријатели од планинарскиот клуб „Драчево“, веќе шест години се грижат за домот. Тие се луѓе со чиста мисла и ведар дух, ја обележале шумата, организираат прошетки, планирајќи или пак со џип до околните места.
Тука се е посебно, а пак заедничко. Дури и собите се посебно именувани како, „Куна“, „Пештерка“, „Пастрма“, „Малина“. Има капацитет од 80 легла, а исто така има простор за поставување на шатори.
Ова место е уникатно по многу работи, од речната пастрмка во Кадина река и ендемичниот вид на син бор, до прекрасните прошетки до Солунска глава или пак Салаковските езера.
Ова е место за сите возрасти, и е убаво во секое годишно време. Ентузијастите кои ќе го посетат местото нема да зажалат, туку напротив, ќе зажелат пак да се вратат. Чуството на спокојот кој ќе ве исполни нема да ве напушти.
Дали повторно ќе го поминете викендот дома или пак ќе посакате да видите нешто повеќе од врвот на Водно…?