Со кофеин до подобра меморија

Според неодамнешната студија објавена во Nature Neuroscience, луѓето што конзумираат кофеин во количини блиски до две еспреса, имаат подобра долгорочна меморија од оние што конзумираат повеќе или воопшто не.

На испитаниците им биле покажани серија од слики, а потоа им биле дадени кофеински или плацебо пилули. 24 часа подоцна, од нив било побарано да одредат кои се нови, кои се стари, и кои се слични слики од понудениот сет. Двете групи подеднакво добро ги идентификувале старите и новите слики, но испитаниците што добиле кофеинска пилула биле подобри во одредувањето на сличните.

coffee-shutterstock_95259487[1]

Според Мајкл Јаса, челникот на истражувањето спроведено на Универзитетот во Калифорнија, идентификувањето на сличните фотографии е многу потешка и посложена задача, а резултатите покажуваат дека групата што конзумирала кофеин имала подобро консолидирана меморија.

Од друга страна, според резултатите, кофеинот помага само при формирање на новите спомени (мемории), а не и за да повикате некој од веќе запаметените. Така, колку кафе и да испиете утрото, нема да се сеќавате на детали од синоќешната забава, но утринскиот мамурлук добро ќе ви се вреже во меморијата.

coffee[1]

Сепак, треба да се држите до златната средина. Конзумирањето на повеќе кофеин од 200 милиграми (идеална за подобро меморирање) само го поништува ефектот. Така, секој обид да стекнете меморија налик супермоќ преку повеќе кофеин, веројатно ќе ве претвори само во хиперактивно, конфузно и дрдорливо чудовиште.

Резултатите од студијата се совпаѓаат со оние од ланскиот експеримент на Универзитетот во Њукасл, спроведен врз пчели.

- Реклама -