Изложба на рачно изработени играчки

Вчера во Универзитетската библиотека Св. Климент Охридски беше отворена изложба на рачно изработени играчки која е дел од хуманитарната акција „Прегратка на дар“ во организација на интернет медиумот Рингераја и Бимилк како главен покровител на акцијата.
Хуманитарната акција „Прегратка на дар“ која традиционално се одржува трета година по ред опфаќа рачна изработка на играчки – прегратки од страна на децата од градинките кои за време на празниците ќе им бидат подарени на дечињата во детските одделенија во болниците и домовите за деца без родители. Во овогодинешната акција учествуваа околу 10.000 деца од 160 градинки ширум Македонија.

Како главен покровител на хуманитарната акција „Прегратка на дар“, изложбата ја отвори претставникот од Бимилк, Полексена Ристеска.
„Веќе втора година по ред со задоволство го поддржуваме проектот „Прегратка на дар“ чија цел е да ги поттикне децата на хуманост уште од најмала возраст и да ги израдува и развесели оние коишто ќе ги поминат празниците во детските оделенија во болниците и домовите за деца без родители. Во рамките на проектот оваа година беше создадена и сликовницата „Светот е мал за овој голем кашкавал“ која преку приказна ги учи децата за она што навистина е важно во животот – пријателството, сочувството, солидарноста и добрите дела. Токму овие вредности ги покажаа на дело дечињата од цела Македонија кои со многу љубов и внимание направија повеќе од 7.500 играчки.“ – изјави Полексена Ристеска, маркетинг менаџер на Бимилк.

BiMilk 3

На изложбата која ќе биде отворена до сабота, 28 декември, посетителите ќе може да погледнат околу 2.500 од вкупно 7.500 рачно изработени играчки кои децата ги направија во изминативе два месеци. Како дел од хуманитарната акција беше изработена и сликовницата „Светот е мал за овој голем кашкавал“ со цел едукација на децата на за нив својствен начин што значи хуманост, солидарност и емпатија. За време на изложбата децата од градинката „Кочо Рацин“ ја изведоа приказната „Светот е мал за овој голем кашкавал“ пред присутните и беа доделени сертификати во знак на благодарност за сите градинки и воспитувачи како и сите оние кои се вклучија и ја поддржаа оваа акција.

„Караванот на Прегратка на дар тргна од Скопје и посети 25 работилници во градинките низ цела Македонија, каде што се дружевме и изработувавме играчки заедно со Битолското чупе. Поминавме илјадници километри, прегрнавме илјадници дечиња и ги научивме на хуманост и солидарност. Огромна благодарност до градинките и нивниот персонал кој неуморно работеше за целта на проектот. Многу ни е драго што и оваа година повторно имавме можност да примиме барем дел од нивната неисцрпна енергија.“ – изјави Симона Тренчевска, директор на интернет медиумот ringeraja.mk.
Сите играчки кои децата ги изработија ќе бидат подарени во детските болници, како и во СОС детското село, домовите за деца без родители како и сите други институции кои што згрижуваат дечиња.
По завршувањето на проектот ќе има онлајн натпревар на кој ќе се изберат најубаво изработените играчки, а победниците ќе добијат признанија, благодарници и симболични подароци.

Проектот „Прегратка на дар“ е во реализација на интернет медиумот ringeraja.mk преку филантропската гранка Дану Филантропија ЈИЕ. Оваа хуманитарна акција за прват се реализираше во Словенија во 2009 година, додека во Македонија за првпат беше организирана во 2011 година. Од минатата година Бимилк е главен покровител на акцијата кога беа направени повеќе од 7.000 играчки и учествуваа повеќе од 10.000 дечиња. Проектот „Прегратка на дар“ минатата година ја доби Националната награда за најдобра општествена практика за 2012 година од страна на Координативното тело за општествена одговорност на претпријатија и ја претставуваше Македонија на „Европскиот систем за наградување на општествена одговорност на претпријатија“ во Брисел. Овој проект исто така е добитник на Европска награда за општествена одговорност која ја доделува Европската Комисија.

- Реклама -