Во изминатото деноноќие се случиле девет сообраќајни несреќи во главниот град, од кои пет со последица полесни телесни повреди на тројца возачи и тројца пешаци, како и четири со мала материјална штета.
Сообраќајната полиција во текот на вчерашниот ден евидентирала поголем број прекршоци, претежно од пешаците. Санкционирани се 13 пешаци кои поминале вон обележан пешачки премин или, пак, поминале на црвено светло на семафорот за пешаци.
Од останатите прекршоци се издвојуваат преземените мерки кон петмина возачи кои не отстапиле првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин, шестмина кои не ги почитувале светлосните сообраќајни знаци на крстосниците, 17 не користеле безбедносен појас или користеле мобилен телефон за време на управувањето на возилата. Исто така, и 17 возачи кои непрописно ги паркирале своите возила на автобуските стојалишта, во зона на крстосница или на пешачки премин.
Отстранети се и 54 непрописно паркирани возила кои во поголема мера го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот како на пешаците, така и на возилата.