Неодамна, Сие Минг Ченг, индустриска дизајнерка од Сингапур, беше во посета на Скопје и се обиде да го прошета градот користејќи ги градските автобуси. Исфрустрирана од гужвите и турканиците во нив, таа објави војна на ваквата појава, креирајќи специјален телесен штит – The Spike Away Vest. Океј, океј, делот за Скопје е шега. Сепак, изгледа дека метроата на Сингапур го имаат истиот проблем.
Ченг го смисли овој незгоден моден додаток за време на една модна работилница водена од светски познати дизајнери на мебел, додека гостувале на Националниот универзитет на Сингапур. Предавањето се состоело во тоа да се предизвикаат дизајнерите да смислат ефикасни решенија на секојдневни проблеми, користејќи само предмети од секојдневниот живот.
Работилницата не била насочена кон тоа „иновациите“ да имаат и практична примена, што и овозможило на Ченг да се претстави со еден ваков бизарен, но пред се, хумористичен концепт, за кој користела обични предмети од градината, пред се пластични боцки кои често се употребуваат за заштита на цвеќињата од злонамерници.
Наводно, има огромен интерес за иновативниот штит, а побарувачката е најголема во Скопје, особено во вторник и петок.