Иронијата на животот не познава граници.
Еден Јапонец поминал 60 години живот во сиромаштија, откако бил роден како член на богато семејство, но заменет во болницата во која бил роден. Бебето со кое го замениле, пак, потекнувало од сиромашно семејство, но имало среќа 60 години да ужива во сите благодети и луксузи на животот, па сега е сопственик на градежна компанија.
Несреќниот син пораснал од социјална помош, откако човекот за кој мислел дека му е татко, починал кога тој имал 2 години. Жената што сметал дека му е мајка, била приморана сама да се грижи за него и за уште 3 деца. Семејството живеело во еднособен стан. Анонимниот „богаташ“ морал да посетува вечерно училиште, бидејќи преку ден работел во фабрика, се додека не нашол работа како шофер за една превозничка фирма. Никогаш не се оженил, а во моментов сам се грижи за тројцата браќа, од кои едниот преживеал тежок мозочен удар.
Од друга страна, среќниот „сиромав“ пораснал со личен учител, посетувал приватно училиште и завршил факултет. Сега е успешен бизнисмен, исто како и другите тројца браќа со кои тој растел во ова богато семејство. Тука работите се заплеткуваат уште повеќе – токму тие тројца се заслужни што вистината излегла на видело. Тие заклучиле дека четвртиот брат воопшто не им прилега, па побарале од болницата да им ги покаже породилните картони, по што направиле и дополнително тестирање кое докажало дека пред 60 години настанала грешка. За несреќата, вината е префрлена кај бабицата што ненамерно ги заменила бебињата по капењето, додека ги носела кај мајките.
Несреќникот е запрепастен од ваквиот расплет. „Не ми е јасно како можело тоа да се случи. Не можев да поверувам. Искрено, не сакав ни да го прифатам тоа“. Судот во Токио одлучи тој да добие 227.346 фунти оштета од болницата, што е многу помалку од сумата од 1.5 милиони што тој ја побарал. Неговите вистински родители, патем, не се веќе меѓу живите.
„Можев да имам сосема поинаков живот. Сакам болницата да ми го врати секој час од моментот кога сум роден. Кога ги видов фотографиите на моите вистински родители, посакав да ги сретнам. Со месеци не можев да ги задржам солзите кога ќе се сетев на нив“. „Мислам дека и таа чувствуваше дека нешто не е во ред“ – додава тој, зборувајќи за жената за која мислел дека му е мајка.
Да завршел во вистинското семејство, овој несреќник сега ќе беше настариот син, а со тоа и наследник на семејното богатство. Неговите вистински браќа му ветиле дека ќе го запознаат и ќе се обидат да ги надоместат сите изгубени години.