Универзалниот ден на детето – 20 Ноември, ги потсетува возрасните дека децата како ранлива категорија на секое општество, имаат потреба од посебна грижа и помош од страна на возрасните. Генералното собрание на Обединетите нации во 1954 година го означи 20 Ноември како Универзален ден на детето, кој има за цел да обезбеди благосостојба на децата низ светот и да ги потсети возрасните дека децата како рамноправни членови на секое општество имаат свои права и истите треба да се почитуваат.
Притоа, два големи настани го одбележаа Универзалниот ден на детето: 1959 година Генералното собрание на ОН ја усвои Декларацијата за правата на детето, а на истиот ден триесет години подоцна, во 1989 година беше усвоена и Конвенцијата за правата на детето, која Република Македонија ја ратификуваше во 1993-тата.
Сите држави членки кои ја имаат ратификувано Конвенцијата за правата на детето, според член 19 од КПД се обврзаа да ги преземат сите соодветни законодавни, административни, социјални и образовни мерки да го заштитат детето од сите облици на физичко или психичко насилство, повреди или злоупотреби, занемарувања или немарен однос, малтретирања или експлоатации, вклучувајќи ја и сексуалната злоупотреба.