Магнезиумот најважен за срцето

Магнезиумот игра важна улога во работата на кардиоваскуларниот систем, нервниот систем, мускулите, бубрезите, црниот дроб, жлездите што лачат хормони и мозокот. Тој се апсорбира преку цревата и потоа со помош на крвта се транспортира до клетките и органите, каде што се складира.

Магнезиумот е минерал кој учествува во активноста на околу 300 ензими во организмот, а неговите најважни функции се:

– минерализација на коските;
– пренос на нервните сигнали;
– регулирање на крвниот притисок и срцевиот ритам;
– регулирањето на контракцијата на мускулите.

Најважниот мускул, чија функција зависи од внесот на магнезиум е срцето. Сè повеќе се проучува поврзаноста на недостигот од магнезиум со неправилната работа и нарушувањата на срцето, развојот на ангина пекторис и многу други појави.

Преку вообичаената исхрана дневно се внесуваат 180-300 мг магнезиум, меѓутоа треба да се земе предвид дека организмот е во состојба да апсорбира само една третина од магнезиумот кој се внесува преку исхраната. За намалувањето на ресорпцијата на магнезиумот од храната влијае и застапеноста на мастите во исхраната, внесот на фосфати, алкохол, стрес и некои видови лекови.

Прочитајте и:  Гинеколог тврди дека жените во постменопауза треба да го намалат внесот на една хранлива состојка

Недостигот од магнезиум може да настане во текот на растењето и развојот на децата, за време на бременоста, при интензивен стрес, при повраќање, дијареа и хронични заболувања на бубрезите, при внесување на претерано масна храна, прекумерно консумирање на млечни производи, итн.

Симптомите од недостиг на магнезиум вклучуваат слабост на организмот, грчеви во мускулите, нарушена работа на срцето, раздразливост и главоболки.

Недостигот од магнезиум може да се утврди преку анализа на крвта. Неконтролираното консумирање на магнезиум во форма на апчиња или како додаток во исхраната може да доведе до предозирање. При предозирање со магнезиум симптомите се: дијареја, малаксаност и поспаност. За да ги избегнете тие непријатности, не употребувајте магнезиум надвор од вашата исхрана, освен ако тоа не ви е препишано од лекар.

Повеќето растенија и јаткасти плодови содржат магнезиум. Консумирањето сончоглед, соја, ореви, семки од тиква, грав, леќа или интегрален леб, зелена салата, морска риба, банани и чоколадо го покачува нивото на магнезиум во организмот.

Објавено во соработка со За Здравје.

- Реклама -