Неосновано би било да се очекува дека бугарската позиција ќе се промени во текот на следното португалско Претседателство со Европската Унија, велат од Министерството за надворешни работи на Бугарија, во одговор на неколкуте прашања што им ги постави софискиот весник „Труд“.
Министерството, притоа, се повикува и на широкиот консензус во Бугарија, но и на граѓаните од Македонија кои имаат извадено бугарски пасоши:
„Таа позиција е предмет на надпартиски консензус и 84% поддршка во општеството. Да не забораваме колку бугарски граѓани се наследници на бегалци од Вардарска Македонија. Според податоците на Министерството за правда, 88.450 граѓани на Република Северна Македонија исто така имаат бугарско државјанство. Ниедна бугарска влада не може да ги предаде тие луѓе“, велат од министерството на Екатерина Захариева.
Од министерството додаваат дека во претстојниот период, односно и во текот на следното претседателство со ЕУ, Бугарија ќе продолжи со напорите да им ги објасни на своите партнери своите загрижености околу Република Северна Македонија. „Очекуваме реалистичен пристап на солидарност и разбирање од страна на следното Претседателство“, велат оттаму за „Труд“.
Во однос на самата позиција на Бугарија, од бугарското МНР ги повторуваат заложбите за евроинтеграција на целиот Западен Балкан, но и посочуваат дека анекс кон Договорот за добрососедство не би бил доволен:
„Интересот на Бугарија не е да го одложува пристапниот процес на Република Северна Македонија кон ЕУ. Интересот на Бугарија е да бидат конечно решени отворените прашања во односите со Република Северна Македонија и успешно да продолжи процесот на интеграција на сите земји од Западен Балкан. Ние не добиваме никакво задоволство од позицијата што Скопје нѐ принуди да ја заземеме, откако со децении Бугарија укажува секаква можна поддршка за нашите собраќа од другата страна на границата“, велат од министерството.
Во одговорот, се повторува дека Бугарија ја блокираше преговарачката рамка со цел во неа да биде вклучено обрзувачко барање кон РСМ за почитување на Договорот за добрососедство, со вклучен механизам за следење на исполнувањето. Без такви гаранции, врз основа на досегашното неисполнување од страна на РСМ, Бугарија не би можела да ја прифати преговарачката рамка. Предложените алтернативи, кои се со декларативен карактер, не можат да гарантираат трајно решение. Со одложувањето на прифаќањето на преговарачката рамка, Бугарија практично го заштити својот национален интерес и ја одбрани својата национална позиција, истакнуваат од бугарското МНР.
На конкретното прашање дали Бугарија ќе настојува на анекс кон Договорот за добрососедство, од министерството велат:
„Потпишувањето на анекс/протокол или друг документ, не може да ги реши само по себе отворените прашања во односите со Република Северна Македонија. Веќе постои ратификуван од двете страни и депониран пред ООН Договор за добрососедство од 2017 година, кој Република Северна Македонија не го исполнува. Ништо не ни дава основа да веруваме дека сличен таков потпишан документ ќе ја промени таа практика на неисполнување на меѓународните обврски.
Имено од таа причина Бугарија настојува за вклучување на конкретни, подобни за следење и обврзувачки услови во преговарачката рамка за Република Северна Македонија“,