Бабите се бавни, така? Затоа е тука 81-годишната Микалина Боровчик-Једрезеје – за да го демантира тоа тврдење. Теткава од Полска е горд сопственик на Subaru WRX STI 2016. Да, не е на синот, не е на внукот, нејзина е, и ја вози секој ден. Фотографиите и видеата од старицата што вози префраерски спортски автомобил инстантно добија популарност, особено кај младите Полци.
За медиумите, Микалина открива дека е страстен вљубеник во брзите автомобили уште од дете. А сега кога е пензионирана, има доста време за да се развозува низ градот во својот спортски миленик.
Се зборува и дека Субару не ѝ е прв (спортски автомобил); наводно, претходно поседувала и возела Опели, BMW-ња, Мазди, а пред ова – Хонда. Сепак, Субару отсекогаш бил нејзиниот омилен автомобил, а за овој сега штедела цели 13 години (чини 46.000 евра).
„Го обожавам звукот на моторот. Преде, вистинско задоволство е. Оваа кола има душа, има срце, и како ниедна друга, ме направи зависник“.
Живее во Катовица, а редовно се развозува до другите градови, како Честочова, Краков и Вроцлав. Поминува по 9.5 до 14.5 илјади километри годишно, што воопшто не е лошо со оглед на нејзината возраст.
Се разбира, одржувањето на овие автомобили воопшто не е евтино, но нејзините заштеди, инвестиции и кирии од наследениот имот ѝ помагаат да ужива во своето скапо хоби.
Еве, приказнава е доказ дека никогаш не си доволно стар за да престанеш за се забавуваш. Ако 81-годишна баба може да вози најнов модел спортско Субару, зошто да не можеш да играш видео игри и на 40, на пример?