Топлото време не им годи на лицата кои имаат проблем со циркулацијата и вените, па се почесто се жалат на отечени и болни нозе. Од овие проблеми може уште повеќе да патат лицата кои поголемиот дел од денот го поминуваат на нозе. После долготрајно стоење доаѓа до зголемување на венскиот притисок и послаб проток на крвта низ вените, па се јавува чувство на тежина и болка во нозете. Овие непријатни тешкотии можат да се ублажат со едноставни вежби. Доколку ги практикувате навечер пред спиење, ќе ја подобрите циркулацијата и ќе ја намалите отеченоста на нозете. Вежбите воедно опуштаат и ги зајакнуваат стапалата.
1. Размрдајте ги прстите
Вежбите правете ги со боси стапала. На подот ставете два листа од весник и со прстите фатете ја хартијатам згмечете ја и искинете ја. Ова е идеална вежба за размрдување на ножните прсти.
2. Размрдување
-Застанете на подот со разделени нозе, исправете се на прстите со левата нога и стапалото вртете го лево и десно.
-Сега полека спуштајте од прстите до петите назад. Обидете се да ги соберете прстите.
-Сега свиткајте го стапалото кон внатрешната страна.
-истото направете го и со надворешната страна.
Секоја од овие вежби се прави по една минута.
3.Зајакнете го рисот
Седнете на стол со исправен грб, Едната нога е потпрена на подот под прав агол, а другата испружете ја и потпрете ја на петата. На рисот ставете некаква тежина (на пример шише со вода, или килограм ориз), па прстите провлечете ги во правец на колената. Направете ја оваа вежба десет пати, па променете ја ногата.
4. Вежби за стапалата од врвовите на прстите до петите
-Оваа вежба се прави со боси нозе. Опуштеното тело издигнете го на врвовите на прстите.
-Полека вратете се назад на петите и подигнете ги прстите нагоре. Водете сметка за рамнотежата.
5. Вежбајте ја рамнотежата
Земете една мека крпа и превиткајте ја неколку пати. Застанете на неа и подигнете го едното стапало. Обидете се да се задржите една минута потпирајќи се на другата нога.
6. За витки листови
Застанете боси на некаква височинка, на пример вага за мерење тежина и слично, и полека подигнете и спуштете го стапалото свиткувајќи ја ногата наназад. Повторете ја вежбата осум пати со три паузи.