5 одлични изуми од научната фантастика кои би биле ужасни во реалноста

Ракетен ранец Се сеќавате на сите гаџети од Стар Трек кои посакувавте да ги имате затоа што изгледаа толку добро? Се испостави дека изгледот е веројатно единствената позитивна карактеристика која ја имаа…

5. Летечки автомобили

Видени во – „Блејд ранер“, „Петтиот елемент“, „Враќање во иднината 2“, „Футурама“, „Џетсонс“ и веројатно во секоја друга научно фантастична приказна (во ваква или онаква форма).

Летечки автомобилЗошто ги сакавме? – Како прво, треба да стане јасно дека не се зборува за некој хибрид од типот на полу кола, полу авион. Станува збор за вистински летечки коли кои без мака се одлепуваат од земјата и летнуваат кон посакуваната дестинација. Признајте, кога имавте 7 години, постоеја само 2 нешта во кои бевте сигурни – „Трансформери“ се закон и иднината ќе биде преполна со летечки коли. Секако, откако научивте да возите, сакавте да имате една од тие коли секојпат кога ќе се заглавевте во сообраќаен метеж. Посакувавте да имате копче на воланот кое ќе ви овозможи да летнете над патот и да продолжите кон саканата дестинација…

Зошто погрешивме? – Погодете што? Нема шанси да се случи такво нешто. Како прво, ако секој лета каде што сака, ќе настанат сериозни проблеми со предавателите и далноводите насекаде. Затоа, ќе мора да се лета со некој здодевен автопилот, на предодредени патеки – воздушнни патишта, со други зборови. Дали некогаш сте заглавиле во метежот на некој нормален пат? Замислете го истото тоа, само во многу слоеви, еден над друг, за време на истиот метеж. Една мала несреќа и… остатокот останува на вашата имагинација.

Но, тоа не е најлошото нешто. Сите кои се обиделе да конструираат летечка кола дошле до истиот заклучок – сите нешта кои се проблематични за обичните коли: цена, безбедност, итн. се влошуваат драстично кога се обидувате да полетате. На пр., не е важно каков мотор ќе измислат, летечка кола секогаш ќе троши повеќе отколку обична, особено на куси дестинации (најмногу ќе се троши на совладувањето на она ситно нешто што го нарекуваме гравитација).

Што ќе се случи во случај на сообраќајна несреќа? Замислете некој кој што стои на земјата под некој воздушен пат. Или уште подобро, дури и ако никој не се повреди, замислете колку пари ќе треба да се платат за осигурување.

4. Ракетни ранци

Видени во – „Џетсонс“, „Ракетарот“, „Џејмс Бонд: Тандербол“, „Војна на ѕвездите“… всушност, ако не сте чуле за ракетен ранец или не сте купиле некоја играчка во која бил вклучен таков дел, веројатно живеете во осумнаесеттиот век.

Ракетен ранецЗошто ги сакавме? – Зашто секој човек сака да лета уште од раѓање. Зборуваме за летање, а не возење во возила кои летаат.

Зошто погрешивме? – Ќе го сконеме очигледниот факт дека оној кој лета со ваквата направа ќе има проблеми со издувот кој достигнува топлина над 1000 степени целзиусови.

Модерните ракетни ранци во принцип користат компримиран гас кој ве турка угоре. Звучи глупаво? И глупаво е, прототипите дозволуваат летање од цели 30 секунди.

Но, дури и доколку ги надминат сите технички проблеми, сите оние прашања на безбедност што важеа за летечките автомобили важат и за ракетните ранци, со таа мала разлика што ќе го немате автомобилот да ве заштити во случај на несреќа. Заради тоа ќе бидат потребни падобрани или некој вид на воздушни перничиња кои ќе го обвиткаат летачот. Проблемот со ова е што тогаш веројатно многумина намерно ќе предизвикуваат несреќи, за да можат да си скокаат наоколу во топче…

3. Холодек

Виден во – многумина го памтат холодекот како измислица на Стар Трек, но поверојатно е дека тие ја презеле идејата од кусата приказна на Реј Бредбери наречена „Саваната“ во која што едно семејство има холодек во домот, со кој симулираат една савана и многу предвидливо бидуваат изедени од виртуелни лавови.

ХолодекЗошто ги сакавме? – Холодекот е обична голема соба во која можат да се симулираат најразлични околини и искуства, преку измамување на сите сетила истовремено. Не е потребно да се приклучувате на каква и да е апаратура, едноставно влегувате во собата и тоа што сте го побарале е таму, без разлика дали се работи за соба полна со нинџи, голи жени или што и да е што немате во вистинскиот живот.

Зошто погрешивме? – Опасностите од холодекот се прикажани во епизодата 234 од Стар Трек со наслов „Еден куп Дати“, во која се докажа дека ако во холодекот те застрела имагинарен каубоец, вистински умираш.

Сега, да претпоставиме дека креаторите на вистинскиот холодек нема да се тотални идиоти и ќе инсталираат осигурувачи кои ќе гарантираат дека каубојците нема да пукаат со вистински куршуми, а саванските лавови не можат вистински да изедат човек, постои уште еден проблем.

Замислете како би реагирале доколку се наоѓате во вашиот холодек и некој ве прекине. Да речеме дека сте на сред партија шах со Дарт Вејдер, а тој одеднаш исчезнува, Скарлет Јохансон веќе не ви седи во скут, а за пиците повторно треба да платите пари. Ќе го најдете оној што го исклучил и сосема сигурно ќе го претепате до смрт.

И не е проблем само тоа што ќе се создаде неверојатна зависност, проблем е фактот што тој ќе може да ги задоволи сите човечки емоционални потреби и ќе ја уништи сета мотивација за што и да е. Целта на секого ќе биде да работи доволно колку да обезбеди електрична енергија за холодекот и храна за да преживее.

Неминовно, луѓето ќе престанат со репродукција. Виртуелните деца кои ќе ви ги роди виртуелната Скарлет Јохансон ќе бидат совршени и никогаш нема да завршат в затвор и никогаш нема да ви украдат пари за да купат дрога. Доколку ви здодеат, ќе можете да ги поништите со еден потег.

Доколку кажете дека нема шанси да ви се случи тоа вам, зашто сте високосвесни и во потрага по духовност, холодекот знае како да ве повлече и вас. Ќе ви даде шанса да дебатирате на една маса со Платон, Абрахам Линколн, Ганди и Исус. Доколку некој ви рече да престанете зашто треба да се вратите на работа, зад поштенскиот шалтер, веројатно ќе се забарикадирате во холодекот со пушка крај себе.

И ако по 1000 години вонземјани дојдат на Земјата, ќе најдат пуста планета, со 10 билиони мумифицирани трупови кои лежат во 10 билиони холодеци, со огромни насмевки на лицата.

2. Телепортери

Видени во – „Стар Трек“, „Еурека“, бројни видео игри.

ТелепортерЗошто ги сакавме? – Се работи за изум кој ќе ги направи летечките коли и ракетните ранци да изгледаат назадно колку и колата во „Флинстонс“ која се придвижува со нозе. Зборуваме за инстантно транспортирање до каде било, во кое било време. Можете истовремено да живеете на плажа во Хаваи и на Менхетен. Можете да пиете кафе некаде точно до 5 секунди пред почетокот на важниот состанок и потем само да влезете во транспортерот и таму сте.

Зошто погрешивме? – Многу подоцнежни научно фантастични филмови ја прогласија оваа технологија како несигурна (направа која ги растура и реоформува луѓето молекула по молекула). Најгротекниот приказ на небезбедноста секако ни дојде од филмот на Мел Брукс „Спејсболс“. Но, дури и ако ги отстранат сите багови во софтверот (кој транспортен метод е 100% сигурен?), постојат многу поголеми и далеку почудни прашања.

Телепортерот во суштина нема да ги растури вашите атоми и да ги пренесува на 1000 километри каде што одново ќе ги составува (дури да беше тоа можно). Наместо тоа, ќе ве ресоздаде од атомите кои таму постојат (еден водороден атом е еднаков на друг, нели?).

Со други зборови, телепортерот работи на принцип на факс. Пренесува сигнал, а машината на другата страна од линијата исфрла копија. Само што место копија од хартија се работи за копија од некоја личност, заедно со меморијата, емоциите и сл. Оригиналот, нормално, се уништува. Ова беше демонстрирано во Стар Трек: Следната генерација, епизода 250 „Втори шанси“, во која транспортерот не го уништил оригиналниот Вил Рајкер, па така добивме двајца од нив.

Ја гледате чудноста на целиот принцип? Оригиналот се уништува. Тоа значи дека штом ќе стапнете на транспортерот, умирате! Но, светот нема да знае дека сте умреле, зашто на другата страна ќе излезе ваша совршена копија. Тоа нема да сте вие, туку ваша копија, која случајно ќе ги има истите спомени. За набљудувачот направата секогаш беспрекорно ќе функционира, исто и за оној кој излегува од транспортерот. Единствениот кој ќе знае дека не е така, нема да може никому да каже, зашто ќе биде мртов.

Ова би значело дека првиот пат кога Кирк го употреби транспортерот за да се симне на вонземска планета, всушност тој се сложил со неминовна смрт, надевајќи се дека неговиот двојник ќе успее да ја заврши мисијата наместо него…

1. Репликатори на материја

Видени – „Стар Трек“.

РепликаторЗошто ги сакавме? – Гладни сте и не ви се готви, ниту ви се излегува за да си купите нешто. Нема потреба да страдате. Машината ќе ви ја реплицира која храна и да ја посакате. Барем оние видови храна кои биле програмирани во неа.

И не само храна. Што и да ви падне на памет. Ви требаат батерии? Репликаторот е тука. Нови чевли? Не е проблем. Сте го заборавиле роденденот на девојка ви? Притиснете копче на репликаторот и тој ќе исплука беспрекорни дијамантски обетки.

Зошто погрешивме? – Со оглед на тоа што репликаторот прибира атоми, ќе биде поевтино да направи дијамантски обетки, отколку обичен хот-дог, зашто ќе бидат потребни помалку молекули и помалку енергија. Ќе може да испечати совршени фалсификувани банкноти. Стиснете копче и ќе ви извади совршена копија од Мона Лиза.

Лошата вест е што ќе го елиминира вашето работно место. Вашето работно место, работните места на вашите пријатели, поточно, сите работни места! Ќе нема потреба од фарми, фабрики или продавници. Единствените што ќе продолжат да работат ќе бидат докторите и луѓето што ќе произведуваат репликатори. Или пак можно е да постои еден огромен репликатор што ќе произведува репликатори?

Дури и да постојат работни места, нема да постои начин за плаќање. Секој ќе може да прави златни прачки во репликаторот. Станува збор за пад на општествениот поредок врз кој се заснова модерното општество. Крајот на сè ќе дојде кога секој ќе може да создаде што сака… освен летачки коли. Тие засекогаш ќе останат бескорисни…

[5 Awesome Sci-Fi Inventions (That Would Actually Suck)]

- Реклама -