Пет брутални убиства на фудбалски судии

Пред неколку дена, на аматерски фудбалски меч во Мексико, локалниот фудбалски судија Виктор Техо беше убиен од играчот Рубен Ривера Васкез од тимот на Канариo – Рохo Гомез. Причината е покажан директен црвен картон, по кој виновниот играч одбил да се повлече во соблекувалната. Во екот на лутината, Васкез го удира 59-годишниот судија со глава, а овој во бесознание паѓа на земјата. Малку подоцна, медицинските лица од пристигнатата Брза помош констатираат смрт. По трагедијата, Гомез веднаш избегал со својот пик-ап од местото на настанот, а последните информации се дека полицијата сé уште трага по него.

Но овој инцидент не е единствениот на листата во последниве години. Напротив, некои од приказните се далеку побрутални.

618x393[1]

1. Во 2014-та во Мичиген, фудбалерот по име Басел Саад му удира бокс на судијата Џон Биеневич, кој се канел да му покаже црвен картон. Два дена подоцна судијата починува во болница, оставајќи жена и две деца. Саад е осуден на 8 години затвор. При читањето на пресудата, во судот, сопругата на судијата му покажува црвен картон на Саад.

„Тоа е убиство, и секогаш ќе биде убиство“, изјави сопругата на фудбалскиот судија.

Осудениот фудбалер, од друга страна, се чини искрено се покаја:

„Се надевам дека тој е со нас и дека може да ме чуе. Се надевам дека еден ден ќе ми прости“, изјави тој пред судот.

618x328[1]

2. На почетокот на годинава, аргентински фудбалер застрела судија заради покажан црвен картон. Инцидентот се случи на меч во една од регионалните фудбалски лиги на Аргентина. 48-годишниот судија Цезар Флорес го испрати 25-годишниот играч надвор од теренот заради груб фаул без топка врз противничкиот играч. Фудбалерот се повлече во соблекувалната, но потоа се врати на теренот и испука три куршуми во судијата – еден во главата, еден во вратот, и еден во рамото. Флорес почина на лице место, а при пукањето настрада и друг фудбалер – 25-годишниот Валтер Зарате беше погоден во градите, но преживеа.

618x345[1]

3. Во декември 2012-та, фудбалскиот судија Ричард Њувенхујзен им подлегнува на повредите еден ден откако е претепан од неколку играчи по завршувањето на младинскиот фудбалски меч меѓу SC Buitenboys и Nieuw Sloten во Холандија. 41-годишниот маж од Алмере – матичниот град на SC Buitenboys, клубот во кој играл и неговиот син, на мечот бил во улога на линиски судија, и тоа волонтер. По последниот свиреж, нападнат е од неколку од играчите на Nieuw Sloten, сите на возраст меѓу 15 и 16 години, кои го обвинуваат дека бил пристрасен во судењето на мечот. Откако првично ќе биде соборен на земја, родителите од трибините почнуваат жестоко да реагираат, обидувајќи се да го одбранат. Иако ќе успее да стане на нозе, повторно е соборен од лутите малолетници, кои му нанесуваат неконтролирани удари со тупаници и клоци во главата, предизвикувајќи му тешки повреди. Следната вечер, Њувенхујзен починува во болница.

Вкупно седум лица се осудени за неговото убиство. Обвинетите се бранеа дека Њувенхајзен веќе страдал од медицинска состојба, позната како сегментална медиолитска артериопатија; сето тоа поткрепено од британски форензичар-патолог. Сепак, судот најде доволно докази дека смртта настапила како директен резултат на повредите нанесени при нападот. Еден од играчите беше осуден на 1 година малолетнички затвор, а останатите 5 добија по 2 години (максимална казна за малолетници). Седмиот беше 50-годишниот татко на еден од напаѓачите – Ел Хасан, кој доби 6 години затвор. Притоа, играчите добија и доживотна забрана за играње фудбал, со исклучок на играчот кој за сето време покажуваше очигледно каење – тој доби суспензија од 60 месеци неиграње.

618x345[1]

4. Во мај 2013-та, во САД се одвива тешка трагедија во која фудбалскиот судија умира откако е удрен во главата од 17-годишен фудбалер. Повторно, инцидентот се случува на меч од младинското првенство. 46-годишниот Рикардо Портиљо му покажува жолт картон заради груба игра на еден од играчите, а овој реагира бурно и го удира судијата во главата. Портиљо се жали на силна болка и бара лекарска помош. Малку потоа, паѓа во кома, и никогаш не се освестува. Докторите ќе се борат да го спасат цела недела, но безуспешно.

618x420[1]

5. Инцидентот од јуни 2013-та во Централ де Мејо – мало гратче во државата Марањо, почнува сосема неочекувано – судија убива фудбалер. Расправијата почнува откако 20-годишниот судија Отавио Жордао да Силва му покажува црвен картон на фудбалерот Жоземир Сантос Абреу (со прекар Мими). Како одговор на тоа, 31-годишниот Абреу го удира да Силва со шут, соборувајќи го на земјата. Судијата вади нож од под дресот и на двапати го прободува играчот. Жоземир умира уште на пат кон болницата.

Во меѓувреме, бесните навивачи го фаќаат, го врзуваат и го линчуваат судијата да Силва, удирајќи го со камења и со шишиња по главата. Потоа му ги отсекуваат рацете и нозете, а на крајот и главата, која му ја забиваат на колец на теренот.

- Реклама -