Трендот за 3D телевизори опаѓа а џиновските 4K телевизори се најновото технолошко чудо кое се упатува кон вашиот дом.
Голем број нови телевизори, со резолуција четири пати поголема од Full HD екраните беа претставени на саемот за технологија IFA во Берлин. Екраните, позанти како 4K или ultradefinition – беа дел од новите гаџети претставени пред 250.000 луѓе кои ги посетија халите во Берлин.
Првите вакви телевизори ќе бидат достапни за нарачка оваа есен. На саемот сè уште биле претставени и 3D екрани, вклучувајќи го и 103 инчниот Panasonic за кој не се потребни 3D очила, но возбудата за нив опаѓа. Новите 4K телевизори од LG, Panasonic, Sony, Samsung и Toshiba прикажува детали како што би очекувале во кино сали – нивната резолуција е иста како онаа на професионалните филмски камери како Red One.
Деталите се неверојатни и гледачите можат удобно да седат блиску до екранот. Дури и од десетина сантиметри е невозможно да се разликуваат посебни пиксели. Sony тврди дека на нивниот телевизор ќе може да се гледаат нормални Blu-ray филмови и дополнителни детали со што ќе се создаде поостра слика од онаа на нормалните телевизори.
Во обид да остане пред сите Panasonic, заедно со јапонската мрежа NHK, работи на создавање 8K телевизор – кој ќе има резолуција четири пати поголема од онаа на ривалите и 16 пати поголема од Full HD. Единствениот проблем е складирање на филмови. Не постои медиум кој може да носи 4K филмови. Нормалните Blu-ray дискови не се дизајнирани за новиот формат. Во Берлин, повеќето компании ги демонстрираа телевизорите со фотографии и бавни видеа.