Пендаровски ќе бара од Ердоган да се забрза екстрадицијата на Палевски

Претседателот на државата Стево Пендаровски посочи дека размислува во следните денови да испрати порака до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, екстрадицијата на Љупчо Палевски, првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, да се случи побрзо.

Според Пендаровски, не треба да се дозволи процесот да трае предолго.

Тој вечерва во гостувањето на емисијата „360 степени“ на Националниот сервис, на прашање дали е можно да има одолговлекување од турска страна, поврзано со барањата на Турција за испорака на припадници на Фето од Северна Македонија, одговори дека лично до него од Ердоган во 2019 година дошло такво барање како услов за Турција да го ратификува протоколот за пристапување на земјава во НАТО.

„Му ја објаснив ситуацијата на претседателот Ердоган од сите аспекти, вклучувајќи го и неспорниот факт дека ние сакаме да станеме членка на Алијансата во која има и други прилично моќни држави кои кон нас испорачуваат сосема спротивни барања, дека ако тоа и тоа се случи ќе имате проблеми од друг тип со други ратификации во истиот процес на пристапување. Ердоган совршено ме разбра и наредниот ден координаторот во турскиот парламент од неговата пратеничка група доби задача и во 24 часа ја ратификуваа таа спогодба, без воопшто да има барања во однос на тие 15 лица нешто конкретно“, рече Пендаровски.

- Реклама -