Мицкоски: Оливер Спасовски, доколку не се согласува со законот за амнестија, има две опции

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски треба да ја напушти Владата доколку не се согласува со носење на законот за амнестија, смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Мицкоски, кој денеска присуствуваше на почетокот на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“ во Охрид, рече дека Спасовски има две опции.

„Едната опција е ако не се согласува да ја напушти владата“, рече Мицкоски.

Втората опција која ја има Спасовски, според лидерот на опозицијата, е да молчи и да прифати дека тие коишто се опфатени со овој закон се озлогласени криминалци, луѓе кои што тргувале со недозволени супстанци или познати како нарко дилери, переле пари, вршеле изнуда, правеле насилство и така натаму.

„И тие треба да добијат намалени затворски казни или дел од нив да добијат и целосна амнестија, за да потоа се најдат повторно на улиците и да повторно прават проблеми и го тероризираат чесниот граѓанин во Македонија“, додаде Мицкоски.

Прочитајте и:  Николоски: Францускиот претседател е неспорно лидер на Европа, средбата говори и за личниот авторитет на премиерот

Министерот за внатрешни работи досега во повеќе наврати за медиумите, а првпат во саботата, изјави дека не гледа потреба од ваков закон, дека сега не е моментот за такво нешто и, најважно, дека амнестија нема да го реши проблемот со пренатрупаност во затворите, пред сè затоа што голем дел од амнестираните ги повторуваат делата и повторно завршуваат во затвор за пар месеци.

Владата, инаку, го достави законот за амнестија по скратена постапка, во Собранието, и сè уште нема информација кога тој ќе биде ставен на дневен ред.

- Реклама -