Груевски: Клучното прашање со Бугарија кое доправа доаѓа е дека сме биле Бугари, тоа е голема историска лага

Екс-премиерот и поранешен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и натаму продолжува со коментарите по разни основи, но во контекст на однапред планираните напади, според него, кои деновиве ги доживува од некогаш неговата партијата.

Во последниот негов пост тој ги адресираше и уставните измени.

„Да разјаснам за оние на кои сеуште не им е јасно и прашуваат. Влијание на пратеници да гласаат некако за било која точка од моја страна ниту имало, ниту во последните една година сум разговарал воопшто со некој пратеник. Ниту пак сум планирал такво нешто. Ниту пак мислам дека треба да го менуваат ставот на партијата по однос на точката околу промената на уставот. И онака имаше премногу неконзистентност за многу работи досега“, пишува Груевски.

Тој предупредува дека допрва доаѓа главниот спор со Софија.

„(ВМРО-ДПМНЕ) Треба да знаат исто така дека клучното прашање со Бугарија кое доправа доаѓа е историјата и нивното тврдење дека до 1944 година македонците биле етнички Бугари, говореле дијалект на Бугарскиот јазик, наспроти тоа дека историјата до тогаш ни е дел од бугарската историја и дека потоа со сила сме биле ‘ребрендирани’ во Македонци. Тоа е голема историска лага, и бев многу загрижен што не само луѓето од власта туку и луѓе кои беа од ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ минатата година даваа изјави дека Бугарите морало да прифатат дека ние сме Македонци а јазикот ни е Македонски“, пишува Груевски, адресирајќи дека суштината на прашањето не е во тоа Бугарите да прифатат дека денес сме Македонци и денес јазикот ни е македонски.

Прочитајте и:  Кос: Ќе работам на тоа билатералните прашања да не се увезуваат во процесот на проширување

„Општо познато е дека Бугарите, барем според изјавите на нивните политичари, и порано и денес велат дека немаат проблем ние ако сакаме да се нарекуваме и марсовци, и јазикот Македонски, ако прифатиме дека до 2 август 1944 сме биле Бугари“, констатира, и со право, врз основа на изјавите од Софија, поранешниот премиер.

Според Груевски, ВМРО-ДПМНЕ „не треба да бега од темата“, туку треба аргументирано да се спротивстави.

Во поглед на уставните измени, Груевски му се обрати и на Мицкоски, со порака дека ако сакал да се пазари, имал прилики тоа да го направи уште пред да замине, но ги одбил.

„Разбрав дека ‘крунскиот доказ’ на Мицковски против мене бил некој наводен стенограм од средба на власта кај Пендаровски, каде си правеле ‘крчма без крчмар’. Незнам дали копијата од тој документ е реална, односно дека не е фалсификувана и подметната, но дури и да не е, некој треба да му каже на Мицковски дека ако јас сакав да се пазарам, имав неколку прилики уште додека бев во Скопје, но ги одбив“, тврди Груевски.

- Реклама -