ССМ имал грешка во методологијата, минималната кошничка не надминува 43.000 денари – вели Бектеши повикувајќи се на анализи на министерството

Министерот за економија Крешник Бектеши утре ќе побара средба со Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) бидејќи, како што соопшти, од соработниците во Министерството за економија е утврдено дека има грешка во пресметката на минималната синдикална кошничка.

„Можеби е ненамерна, а можеби и техничка грешка, но факт е дека минималната синдикална кошничка во нашата држава не е 50.000 денари и не надминува 43.000 денари, согласно методологијата што била претходно. Тоа значи дека од август па наваму два пати се калкулира инфлацијата во методологијата и во сите елементи кои беа наведени во претходната методологија“, изјави министерот за економија, откако со премиерот Димитар Ковачевски и директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски денеска пазареа во маркет, пред камери, за да покажат дека се намалени цените на млечните производи и тестенините.

Прочитајте и:  Викендов стапува на сила Законот за нефер трговски практики, се очекува намалување на цените на околу 2.500 производи
Ковачевски пазареше тестенини и млеко, Бектеши „само разгледуваше“

Бектеши уверува дека Владата и натаму посветено работи на мерки за да спречи кризата да падне на грбот на граѓаните:

„Граѓаните да бидат спокојни дека кризата сигурно нема да биде целосно на нивниот грб. Сите ќе покажеме солидарност – ние ќе се откажеме од давачки, компаниите ќе се откажат од профити, а граѓаните треба да бидат најмалку погодени, бидејќи ние постоиме за нив“, рече Бектеши,

По неговата изјава, со краток но категоричен одговор, се огласија од ССМ.

„Пресметката е точна! Работниците и граѓаните едвај врзуваат крај со крај во месецот! Не им требаат советници на министер да им го кажат тоа!“, порачаа од Сојузот на синдикати на Македонија.

„Во ‘право’ е министерот, пресметката на синдикалната минимална кошница треба да биде многу повисока“, додаваат тие.

- Реклама -