Милков: Софија со нота ќе бара безбедност за Бугарите кои ќе дојдат во Скопје за годишнината од раѓањето на Делчев

Бугарското Министерство за надворешни работи ќе испрати нота до Скопје со барање да се гарантира безбедноста на Бугарите кои на 4 февруари ќе допатуваат во земјава за одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, најави денеска шефот на бугарската дипломатија Николај Милков.

„Клучно во моментов е да се обезбеди спокојство за Бугарите таму. Сакаме да постигнеме деескалација на тензиите“, тврди Милков.

Најавувајќи го телефонскиот разговор меѓу премиерот Димитар Ковачевски и неговиот бугарски колега Галаб Донев, за кој рече дека е токму со цел за гарантирање на безбедноста на Бугарите, Милков најави и присуство, во „минимален обем“, на претставници на Бугарската амбасада.

Проблем во сегашната ситуација е тоа што Бугарите и лицата со бугарско национално чувство во земјава „немаат доверба во основните институции“, рече тој.

Прочитајте и:  Кос: Ќе работам на тоа билатералните прашања да не се увезуваат во процесот на проширување

Во однос на најавите за забрана за влез во земјава за европратеникот Ангел Џамбаски и одредени други лица од Бугарија, Милков рече дека доколку се случи такво нешто, тоа би претставувало настан без преседан од повеќе причини.

„Не ми е познато дека досега две земји членки на ЕУ меѓусебно си прогласиле поединци за персона нон грата. Забрана за влез на европратеници во земја кандидат ми изгледа нелогична“, рече тој.

Извор: МИА

- Реклама -