Резултатите од најновото истражување на Евробарометар покажуваат дека зголемувањето на цените на енергенсите се одразило на куповната моќ на 85 проценти од граѓаните на Европска Унија.
Додека 56 отсто веруваат дека неодамнешните зголемувања на цените главно се должат на агресивното однесување на Русија, а 38 отсто не се согласуваат со тоа.
Според истражувањето, 82 отсто од граѓаните сакаат ЕУ да продолжи да презема активности за да ја намали зависноста од руските фосилни горива што е можно поскоро.
Големо мнозинство верува дека руската војна против Украина ги прави инвестициите во обновливи извори на енергија уште поитни, а 83 отсто оценија дека цената на струјата не треба да зависи од цената на гасот.
Речиси половина од испитаниците, 49 проценти изјавиле дека позитивно ќе се одразат мерките што ги презема ЕУ за подобрување на економската состојба, 18 отсто негативно, а 22 проценти оцениле дека мерките нема да имаат никакво влијание.
Анкетата покажува дека 88 отсто од испитаниците поддржуваат хуманитарна помош за Украина, 71 процент оценија дека е добро што ЕУ воведе економски санкции против Русија, а 70 отсто ја поддржуваат финансиската поддршка за Киев.
Забраната за медиумите во сопственост на Русија ја одобруваат 63 отсто, додека купувањето и испораката на воена опрема за Украина ја поддржуваат 59 проценти од граѓаните на ЕУ.
МИА