Лукашенко: Никогаш нема да се свртиме против Русија, тие ни се најблиски, инаку ќе завршевме како Украина

Суверенитетот и независноста на Белорусија се неприкосновени. Истовремено, Белорусија никогаш нема да се сврти против Русија, изјави белорускиот претседател Александар Лукашенко на состанокот за преглед на соработката меѓу Белорусија и Русија во Минск, пренесува агенцијата БелТА.

Лукашенко истакнал дека се покажало, и тоа многу очигледно, дека избраниот курс за поблиска соработка со Русија бил правилен, а преземените мерки, вклучително и неодамнешното одобрување на пакетот документи за унија меѓу Русија и Белорусија, биле релевантни и навремени. Ниту една од овие програми, оценил белорускиот претседател, не го крши суверенитетот или независноста на било која од двете земји.

Лукашенко изнел и свој категоричен став околу суверенитетот и независноста на Белорусија во поглед на продлабочувањето на соработката со Русија.

„Гледам обиди за извртување на ситуацијата. И по овие големи преговори [претстојните разговори меѓу претседателите на Белорусија и Русија во Минск на 19 декември] сите ќе кажат дека е готово: во Белорусија веќе нема сила, Русите веќе ја водат земјата. Уште еднаш, сакам да нагласам дека никој, освен нас, не управува со Белорусија. Тоа се нашите функции, вклучително и моите функции, според Уставот. Ние ги исполнуваме овие функции“, рекол белорускиот лидер.

„Кога преговорите не одат добро, многу луѓе овде почнуваат да шепотат дека Русија ни поставува неприфатливи услови поврзани со нашата независност и суверенитет. Сакам да кажам апсолутно искрено: и покрај сите тешкотии, ако раководството на Руската Федерација сака да гради односи со суверената и независна држава Белорусија, ако Русија нè доживува како суверена и независна држава (многу блиска и доверлива земја каде сѐ што има врска со Русија – од јазикот до руските традиции – се почитува), ние сме подготвени да градиме такви односи. Секогаш мораме да тргнеме од фактот дека сме суверена и независна држава“, потенцирал Лукашенко, додавајќи дека од белоруската независност нема враќање, и покрај тоа што земјата била подготвена да биде дел од Советскиот сојуз:

Прочитајте и:  Путин му честиташе на Доналд Трамп за победата

„Имаше време кога Белоруската држава беше подготвена да продолжи како дел од Советскиот Сојуз, но, сепак, стана независна земја и суверенитетот и независност се непомерливи:

„Бевме подготвени да живееме, да служиме, да работиме во една држава. Нејзиното име беше Советски Сојуз. Сè се случи пред моите очи. А сепак, не бевме ние тие што го уништивме. А знаеме многу за причините и потеклото на ова уништување. Добивме суверенитет и независност сосема неочекувано. Мораме да ги задржиме недопрени, бидејќи белорускиот народ ги сакаат“.

Сепак, белорускиот претседател ја истакнал важноста на одржување на пријателски и сојузнички врски со Русија.

„Ние никогаш нема да бидеме непријатели на Русија. И никогаш нема да се свртиме против Русија. Оваа земја и нејзините луѓе ни се најблиски. Мислам дека ќе се држиме до овој курс сѐ додека сме на власт. Да беше поинаку, ќе завршевме како Украина. Сите го разбираат ова, но не секој може гласно да го каже. Тие што избегаа мораа некако да си се обезбедат. Некој им даде пари, им кажа што да речат и тие тоа го рекоа. Оттаму, суверенитетот и независноста се неприкосновени. И какви било разговори овде или таму [во странство] што го доведуваат во прашање, значатпредавство на интересите на белорускиот народ“, рекол Лукашенко.

„Да, ние стоиме со Русија како суверена и независна држава. Ова го кажувам смирено, бидејќи го знам ставот на претседателот на Русија. Веќе не го ни дискутираме ова прашање. Се договоривме еднаш засекогаш како ќе постапиме по потпишувањето на овие 28 програми. Ниту една од програмите не го нарушува нашиот суверенитет и независност“, додал Лукашенко, пренесува агенцијата.

- Реклама -