Дојави за бомби на скопскиот аеродром и во „Александар Палас“ каде требаше да се обрати премиерот, дојави и во „Ист Гејт“, ФФМ, спортски сали и клубови

Продолжуваат дојавите за поставени бомби и утрово, предизвикувајќи општ хаос во главниот град, но и (многу) пошироко.

Како што објавија медиумите, дојава за бомба пристигнала на скопскиот аеродром, поради што откажани се сите летови, што секако, резултира со хаос и потенцијално, со големи економски последици. Во тек се евакуација на персоналот и патниците и антитерористчки проверки.

Закани за бомби стигнале и до седиштето на Фудбалската Федерација на Македонија (ФФМ), како и до Националната Арена „Тодор Проески“, Спортскиот центар „Борис Трајковски“ и скопските клубови Вардар и Работнички. Од ФФМ ја потврдија веста и потенцираа дека итно биле евакуирани од зградата, каде што се вршат антитерористички проверки.

Закана за поставена бомба имало и во хотелот „Александар Палас“, поради што е откажана годишната конференција на Стопанската комора на Северна Македонија, на која требаше да се обрати и премиерот Димитар Ковачевски, но и министерите за економија – Крешник Бектеши и за финансии – Фатмир Бесими. Во тек е евакуација на гостите и вработените, како и антитерористички проверки.

Како што објави МИА, дојава има и во трговскиот центар „Ист Гејт“.

Неофицијално, според медиумите, дојава за бомба има и во хотелот „Мериот“.

- Реклама -