Македонското МНР денеска, по повод најавеното отворање на новото бугарско здружение „Цар Борис Трети“ во Охрид и повиците и подготовките за протест против истото, упати апел до сите граѓани и сите политички и неполитички групации, за „зрело и достоинствено однесување, втемелено врз почитта кон правото на сите граѓани, без разлика на својата етничка припадност, да ја остваруваат својата уставно загарантирана слобода на здружување и за слободно изразување на својот став“.
„Северна Македонија, како демократска земја во која слободите и правата на човекот и граѓанинот се издигнати на ниво на темелна вредност на Уставот и државноста, ќе продолжи да го заштитува правото на сите граѓани и заедници да го изразуваат, негуваат и развиваат својот етнички, културен, јазичен и верски идентитет, како и слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата“, се вели во апелот на МНР.
Во соопштението, Министерството ги замолува сите чинители да се воздржат од, како што велат, „обиди за злоупотреба на своите права и слободи“, и „особено да избегнуваат употреба на провокации и негирање на правата и слободите на другите“.
Денеска, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, го поддржа протестот инициран од Левица што утре е планиран во Охрид против отворањето на бугарскиот културен клуб именуван „Цар Борис Трети“, повикувајќи на масовна излезност на граѓаните за да го искажат своето неодобрување.
Сепак, Мицкоски потенцираше дека протестот треба да биде мирен, демократски и без инциденти, „за да не им се даде алиби на оние кои се причината што денес Македонија е во оваа ситуација“.
„Протестот е демократско право и треба да се протестира, но повикувам тој да биде мирен, за да не дозволиме повторно да печалат на ваквите настани оние кои ја втурнаа Македонија во оваа ситуација, тоа е коалицијата СДСМ и ДУИ. Повикувам масовно граѓаните да излезат и да го поддржат протестот, но истовремено апелирам тој протест да биде мирен и демократски и да не дозволиме каков било инцидент да ја дефокусира јавноста од реалните проблеми, а тоа се инфлацијата, криминалот, корупцијата, енергетската, финансиската криза и уште многу други проблеми со кои Македонија денес се соочува“, изјави Мицкоски по поставување камен-темелник за изградба на градинка во општина Бутел.