На овие експериментални импровизации доаѓаат да свират луѓе на кои тоа им е прв пат на сцена, при што ќе добијат охрабрување од публиката и доколку „им тргне“, но и доколку згрешат.
Сите тие луѓе се таму за музичарите на сцена да успеат, активноста е бесплатна, нема никакви обврски за учесниците и секој љубител на музика е добредојден.
Во среда, на 30ти октомври ќе се одржи 35тата Jam сесија во културно едукативниот центар Лабораториум. Како што самите кажуваат, започнале со активноста во февруари оваа година, интересот за оваа активност е она што ги мотивира да продолжат да ја негуваат.
Без разлика дали се етаблирани или се уште се градат, од Лабораториум велат дека оваа сесија на импровизации е наменета за музичари.
„Доаѓаат да се изразат себеси на нов и експериментален начин, воедно да се сретнат и со други музичари и преку фузија на нивните различности да направат кохезија. Свират, се наоѓаат едни со други и веќе од досегашните сесии се формираа три бенда: ‘Еритра’, ‘Калиба’ и третиот се уште нема име бидејќи им недостасува тапанар“ велат од Лабораториум.
Тие истакнуваат дека многу често гостите си носат и свои инструменти, си ги поставуваат и учествуваат во сесијата.
„Доста често се случува да донесат инструмент што го немаме тука, како кларинет, или процесор машина, кои наоѓаат свое место во оваа хаотична фузија, која тие ја претвораат во нешто ново и возбудливо кое неретко ја крева публиката на нозе“ истакнуваат домаќините.
Активноста започнала во февруари, со учество на само тројца музичари и сесија која траела кратко, но оставила силни импресии.
„По неколку месеци младите музичари потполнo си ја преземаа активноста и сите сме горди што џем сесијата е сега нивна, ние само ја подготвуваме бината и потоа сме само гости на настанот„ вели тимот на Лабораториум.
Организаторите истакнуваат дека ваквите сесии привлекуваат и волонтери, кои помагаат за да се реализира активноста и дека во моментов имаат 11 волонтери, а доколку сакате и вие да се приклучите може да го контактирате тимот на Лабораториум.