Бугарскиот историчар Дечев најави формирање на бугарско-македонска „Комисија за историја во сенка“

Бугарскиот историчар Стефан Дечев најави формирање на заедничка бугарско-македонска „Комисија за историја во сенка“, која ќе работи паралелно со постојната Комисија за историски и образовни прашања, а која би требало да го трасира патот на преговарачкиот процес меѓу Бугарија и Македонија, јавува дописникот на МИА од Софија.

Дечев, кој е член на новоформираниот Клуб за бугарско-македонско пријателство (инаку предавач на Југозападниот универзитет „Неофит Рилски“), во изјава за Бугарското национално радио (БНР) вели дека таа нова Комисија ќе има своја агенда, свој календар и свои состаноци и цели, и ќе покаже дека не мора да има скандали по секоја средба на историчарите од двете земји.

Дечев изразува надеж дека членовите на „Комисијата во сенка“ ќе бидат подготвени за отворен дијалог.

„Целта е да се покаже дека е можно да се соберат луѓе од двете страни на границата и да се води искрен и плоден дијалог насочен кон сите области од животот“, вели бугарскиот историчар, во контекст на мисијата на Клубот за бугарско-македонско пријателство кој брои повеќе од 120 членови. Првиот јавен настан на новиот Клуб во Бугарија ќе се одржи на 16 мај, најави тој.

Во врска со изјавите на претседателот на Бугарија, Румен Радев во однос на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ, Дечев оцени дека шефот на бугарската држава не е тој што треба да кажува како стојат работите кога станува збор за историјата.

Според Дечев, бугарската позиција по прашањето на земјава постојано се менува и кога се следат медиумите во Софија и во Скопје се добива впечаток дека тие создаваат амбиент кој на краток рок не придонесува за промена на ставовите.

Клубот за бугарско-македонско пријателство беше претставен во вторникот, преку видео конференција на платформата ЗУМ. Според иницијаторите, истиот е формиран врз основа на меѓусебно почитување со желба за искрен дијалог. Како што посочија, тие се воделе од европските принципи и заедничката европска иднина.

Меѓу основачите на Клубот од македонска страна се филозофката Катерина Колозова, политикологот Љупчо Петковски, новинарите Марјан Николовски и Столе Наумов, историчарот Драган Заjковски, поранешните македонски премиери Љубчо Георгиевски и Владо Бучковски.

Меѓу основачите на Клубот од бугарска страна се писателите Алек Попов и Чавдар Ценов, универзитетските професори Александар Ќосев, Ивајло Дичев и Маја Грекова, новинарите Бојко Станкушев, Иво Беров и Димитар Кенаров, експертот за одбрана Велизар Шаламанов, економистите Красен Станчев и Евгени Канев, тенисерката Мануела Малеева, режисерот Јавор Грдев, и советникот на поранешниот бугарски претседател Жељу Желев за етнички прашања – Михаил Иванов.

Меѓу основачите се и три организации на македонските Бугари: Бугарскиот културен клуб Скопје (БККС), Културно-просветното друштво „Вардар“, и Здружението на граѓани за промоција, издавање, иницијативи и меѓународна соработка „ДЕЛО“ од Скопје.

* * *

При претставувањето на клубот, Бучковски изрази задоволство што е дел од платформата која ја создаваат „со пријателите од Бугарија врз основа на меѓусебно почитување со желба за искрен дијалог“, подготвени да помогнат во зближувањето на двете општества во вакви критични моменти, кога кога политичката волја не е доволна да се стигне до компромисно решение за отстранување на блокадата.

Според него, ветото од ноември 2020 година направи сериозни штети во веќе кревките односи што се градеа врз основа на Договорот за пријателство и соработка од 2017 година.

Прочитајте и:  Кос: Ќе работам на тоа билатералните прашања да не се увезуваат во процесот на проширување

„Врз основа на тој договор, со дополнителни напори од двете општества да изградиме еден амбиент за пред сè меѓусебна поддршка и разбирање и да бараме, со наша поддршка, двете влади да дојдат до одржливо решение при што ниту едната, ниту другата страна нема да се чувствуваат понижени“, рече Бучковски.

Во одговор на новинарско прашање, пак, тој нагласи дека не постои причина за недоверба кон бугарските колеги кои, како што рече, сакаат врз основа на принципот на меѓусебно почитување да водат искрен дијалог за сите отворени прашања.

„Треба да се даде шанса на еден поинаков начин на граѓански активизам и на тој начин да се создаде една поинаква атмосфера во двете општества, бидејќи очигледно е дека во последните неколку месеци сведоци сме на предоминантен говор на омразата во медиумите, така што искрени се намерите. Мислам дека во настаните што следат, амбициозна е програмата на оваа платформа за пријателство и соработка на двете општества“, рече Бучковски.

Колозова, пак, во своето обраќање во вторникот, истакна дека долго време работеле на проектот и преку научно фундирани препораки се труделе да најдат конкретни предлози и решенија за излез од состојбата.

„Мислиме дека беше слушнато, но не допре вистински. И двете страни се држат до наративите доминантни во нивните општества. Ако веќе состојбата меѓу двете општества е поларизирана благодарение на ветото, но и нашата реакција на ветото, што е далеку од самокритична или проактивна бидејќи сме посветени на ЕУ интеграциите, ние заклучивме дека барем општествата не смеат да дозволат оваа поларизација да се продлабочи, туку напротив да креираат процес на заемно разбирање“, рече Колозова.

Дечев, пак, истакна дека овој заеднички клуб предлага враќање кон Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година, кој, според него, и покрај сите критики е добра основа за развој на заемните односи. Истакна дека го формирале водени од европските принципи и заедничката европска иднина и дека од двете страни се наоѓаат луѓе во кои може да се има доверба.

„На прво место тргнавме од позицијата тоа што има два документа и во бугарскиот и во македонскиот Парламент кои исцртуваат црвени линии. Тие документи се чиста идеологија и со таа идеологија ние нема да стигнеме до никаде во следните години. Со тоа единствено се оптоваруваат нашите односи и не одговараат на постигнувањата на социјалните и хуманитарните науки, туку ја претставуваат бугарската и македонската романтичарска идеологија“, оцени Дечев.

Втората причина за основањто на клубот, како што рече, е состојбата во медиумите и во Бугарија и во Северна Македонија, во кои, според него, „преовладуваат националистички наративи кои го трујат и бугарското и македонското јавно мислење во последните две години“.

Според Александар Ќосев (професор на софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“), пак, бугарската политика во земјава довела до создавање на бугарофобија. Историчарот Зајковски, од своја страна, оцени дека треба да се градат добрососедски односи кои се клучни за иднината на односите меѓу Софија и Скопје и не треба да се губи време во расправии „со националистите од двете страни“.

Извор: МИА

- Реклама -