Објавени резултатите од пописот: 54.21 отсто од вкупно попишаните се Македонци, 29.52 отсто се Албанци

Во Македонија живеат вкупно 1.836.713 граѓани, објави Државниот завод за статистика на прес-конференцијата на директорот Апостол Симовски, заменикот-директор – Илми Селами, и меѓународниот експерт од Словенија – Данило Доленц, по повод објавување на резултатите од Пописот на населението, домаќинствата и становите, 2021.

Вкупно се попишани 2.097.319 лица, од кои 260.606 лица се нерезидентно население.

Во однос на етничката припадност, 54.21 отсто од вкупно попишаните се изјасниле како Македонци, 29.52 отсто како Албанци, 3.98 Турци, 1.18 се изјасниле како Срби, 0.87 се Бошњаци, а 0.34 отсто се Власи.

Од резидентното население, како Македонци се изјасниле 58.48 отсто од граѓаните, 24.3 се Албанци, 3.86 се изјасниле како Турци, 2.53 како Роми, 0.94 отсто се Власи, а 0.87 отсто се Бошњаци.

Од попишаните што живеат надвор од државата повеќе од 12 месеци, заедно со странците кои во земјава се пократко од 12 месеци, 66.36 се изјасниле како Албанци, 24.45 отсто се Македонци, 4.79 се Турци, 1.02 се Роми, 0.19 се Власи, а 0.35 се Срби.

Пописот покажал дека бројот на домаќинства е 598.632.

Најмала општина во земјава е Зрновци, а најголема Куманово. Преброени се и 207 празни населени места.

Бројот на странци времено присутни во земјава помалку од 12 месеци е 1 674.

„Пописот е спроведен успешно и професионално. Тимот на Државниот завод за статистика покажа дека може, знаее и умее, дека е една од најпрофесионалните институции во земјава“, рече Симовски, додавајќи дека податоците се обработени во рекорден рок.

Објавувањето на податоците од пописот што се спроведе од 5 до 30 септември 2021 година, ќе се одвива сукцесивно, по сетови на податоци. Првиот сет што се објавува денеска, ги опфаќа податоците за вкупното резидентно население, вкупното нерезидентно население, пол, возраст, етничка припадност, вероисповед, мајчин јазик и јазик кој вообичаено се зборува во домаќинствата, број на станови и број на домаќинства, а во месеците што следат ќе бидат објавувани сетови на податоци за образовните и економските карактеристики на населението, за становите, за домаќинствата, попреченост…

Пред денешното соопштување на податоците, доделени им беа благодарници на институциите кои придонесоа за успешно спроведување на оваа сложена статистичка операција.

Извор: МИА

- Реклама -