Вархеји: Ако нема договор со Бугарија, ќе мораме да размислуваме за одвојување на Албанија на патот кон ЕУ

„Тоа е тешко прашање. Сѐ уште мора да работиме многу напорно. Сѐ уште не сме стигнати таму. Мора да имаме согласност од сите ЕУ членки на масата, што значи дека ќе мора да најдеме решение за случајот на Северна Македонија“, изјави еврокомесарот Оливер Вархеји денеска во салата „Борис Трајковски“ (на заендичката прес-конференција со премиерот Зоран Заев и сојузната министерка за Европа и Устав на Република Австрија – Каролине Едштадлер, по повод пристигнувањето на првата количина од 4850 вакцини од „Фајзер“ од вкупните 119.213 дози кои на рати треба да пристигнат до крајот на август), прашан дали е реално да се очекува почеток на преговорите на земјава со ЕУ во јуни и дали е можно одвојување на Албанија од пакетот со нас на патот кон членство во Унијата.

„Дали е изводливо или можно декаплирање (одвојување) на двете земји… Овој процес се базира на заслуга и ако ги погледнам постигнувањата на Албанија, гледам дека ги исполниле сите услови. Така што, ако нема договор во однос на Северна Македонија, може да дојде моментот кога ќе треба да ја земеме во предвид оваа опција. Се надевам дека нема да дојде до тоа“, рече Вархеји во однос на делот од прашањето поврзан со Албанија.

Прочитајте и:  Мицкоски: Со Макрон отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон ЕУ

Еврокомесарот додаде и дека имале многу важен разговор со премиерот Зоран Заев.

„Денеска имавме многу важна дискусија со премиерот и се согласивме дека мора да го пробиеме патот и тоа мора да го направиме за двете земји“, рече тој.

Прашан дали сѐ уште стои на ставот дека „не треба да се драматизира околу ветото од Бугарија“, Вархеји прво посочи дека не е во ред да се издвои еден негов таков цитат, а да не се споменат сите останати, а потоа „призна“ дека недраматизирање е тешко остварливо затоа што и секое вето е драма само по себе.

„Она на што работиме во моментов е да го вратиме животот назад во нормала. Нормала значи да се дојде до договор. Да се дојде до договор, за да ја имаме првата меѓувладина конференција со двете земји (Македонија и Албанија н.з.). Ова е тоа на што работиме“, изјави еврокомесарот за проширување.

- Реклама -