Претстојните верски празници треба да поминат во духот на почитување на мерките против ширење на коронавирусот, затоа што олабавувањето на рестрикциите не е направено за да се собираме, туку за да се чувствуваме слободни за време на светите верски празници – истакна денеска заменик-министерот за здравство Илир Хасани, на заедничката прес-конференција со министерот Венко Филипче, на која беше најавено намалување на рестрикциите во текот на претстојниот период.
Хасани се заблагодари на граѓаните кои во изминатиот период ги почитуваа мерките на сила и порача истите да се почитуваат (негрупирање, дистанца, маски) и во празничниот период.
Хасани изрази надеж дека трендот на намалување на бројот на новозаразени и намалување на притисокот врз болниците ќе продолжи, а во тоа очекува да помогне и масовната имунизација, која е во тек.
На одговорност на граѓаните повика и министерот Филипче, кој, меѓу редови, исто така нагласи дека главната причина за укинувањето на полицискиот час на денот на Велигден и Рамазан Бајрам е, како што рече, „чувството на граѓаните кон самите мерки“. Тој потенцираше дека ниту една рестрикција нема смисла и не дава ефект без активно учество и свест на граѓаните.