„Искрено се радувам што обвинетиот Сашо Мијалков реши сам да се пријави. Тој прати порака преку други луѓе дека би сакал да се пријави, и тоа исклучиво во Обвинителството за организиран криминал и корупција. Јас најпрво се консултирав со Јавниот обвинител на Република Северна Македонија (*Љубомир Јовески), дали ние да прифатиме или сепак да се пријави во полиција. Тој рече дека може да се пријави и кај нас, и откога е дојден до сега беше обезбедуван од истражителите што се во истражниот центар на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција“, изјави шефицата на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција – Вилма Русковска, по повод „појавувањето“ на Мијалков.
Обвинителката беше прашана и зошто, заедно со обвинителите Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов, ја повлекле жалбата против куќниот притвор за Мијалков, откако судот не го послуша нивното барање за затворски притвор.
„Мене колку што ми е познато, а тоа е од разговор со претседателот на судот во претпладневните часови, тој самиот замоли да биде повлечена жалбата затоа што и фактички решението до тогаш не беше спроведено – нели сѐ уште беше недостапен обвинетиот Мијалков – и да не се губи време туку да се поднесе нов предлог за определување мерка притвор, затоа што првото решение не беше спроведено. Потоа, колку што имам сознанија, разговарале на таа тема и со јавниот обвинител Љубомир Јовески и тој се согласил. Од тие причини тогаш е повлечена жалбата“, рече Русковска. На дополнително прашање да објасни подобро, Русковска со циничен тон го повтори истото „образложение“, потенцирајќи дека тоа не значи дека нема да бараат затворски притвор. Додаде и дека таквиот чекор ѝ бил логичен.
Прашана дали Обвинителството, после сѐ ова, ќе побара затворски притвор за Мијалков, Русковска без конечен одговор.
„Ќе размислиме. Сепак некако цел ден беше така доста бурен, нели. Со колегите што го застапуваат предметот, со јавниот обвинител, ќе одлучиме. Но, сепак, олеснителна околност е што самиот се пријави во Обвинителството“, рече обвинителката.
Претходно, во обраќањето до јавноста по повод „пронаоѓањето“ на Мијалков, премиерот Зоран Заев потенцираше дека тоа што сам се пријавил на Мијалков не смее да му биде сметано како олеснителна околност во било кој од случаите, затоа што, како што рече, непобитен факт е дека Мијалков првично избега.