Во последната нацрт верзија на заклучоците на Советот на ЕУ за Македонија, односно Западен Балкан, вклучен е и делот на кој инсистираше Бугарија за „погрешно толкување на историјата“, објавија медиумите по извршениот увид во документот. Истата првпат се појави во заклучоците за време на бугарското претседавање со ЕУ во 2018 година, по склучувањето на договорите со Грција и Бугарија. Нацрт-заклучоците ќе бидат разгледувани на состанокот на претставниците на земјите членки на ЕУ кој се одржува денеска, а на кој се очекува тие да бидат усвоени.
За разлика од прашањето за усвојувањето на преговарачката рамка за Македонија, кое поради бугарското вето е тргнато од дневен ред, дипломат од Брисел за „Радио Слободна Европа“ претходно информираше дека заклучоците за Западен Балкан се одблокирани со тоа што е пронајдена компромисна реченица која ги задоволува бугарските барања за добрососедските односи, со што се очекува Бугарија да ги прифати и да биде утврдена пишана процедура за потоа и формално тие да бидат усвоени во четврток.
Дописничката на МИА од Брисел потврдува дека реченицата „погрешно толкување на историјата“ се нашла во нацрт верзијата на преговарачката рамка, но не како што барала Софија. Според германското претседателство, кое досега не попушташе во однос на ова барање, дипломатската „победа“ (како што ја нарекува МИА) за македонската страна е во тоа што оваа реченица се појавува во преамбулата на нацрт-заклучоците за целиот регион, а не во пасусот посветен конкретно на Северна Македонија.
Меѓутоа, иако некои тврдат дека спорната реченица „погрешно толкување на историјата“ може да биде толкувана дека се однесува и на Бугарија, јасно е дека таа е упатена конкретно кон Македонија. Имено, таа е наведена во параграфот 8 од нацрт заклучоците, кој се занимава со регионалното помирување, наследството од југословенските војни и Хашкиот Трибунал, во кој на крајот пишува:
„Советот нагласува дека во ЕУ нема место за распалувачка реторика и глорификација на воените злосторници од било која страна. Изјавите кои негативно влијаат на добрососедските односи и мирното решавање на споровите мора да се избегнуваат. Советот потсетува на Преспанскиот договор помеѓу Република Северна Македонија и Грција и Договорот за Пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Северна Македонија и Бугарија и ја нагласува важноста на нивната постојана имплементација. Овие два крупни чекори би требало да им стават ефективен крај на сите барања засновани на погрешното толкување на историјата“.
Освен тоа, дописничката на МИА забележува и дека насекаде во документот се користи исклучиво „Република Северна Македонија“, а не и таканаречената скратена форма – „Северна Македонија“, што не беше случај претходно. Со тоа, се прифаќа (условно речено) уште едно од барањата на Софија – дека „краткото име“ е основа за територијални претензии кон нашиот источен сосед.