Каракачанов: Има ново ниво во дијалогот со Скопје, сфатија дека сме принципиелна и суверена држава

Макар и што е доцна, може да се каже дека има ново ниво во дијалогот меѓу Софија и Скопје, истакна бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов, кој изјави дека денеска со македонската страна имале долг и многу директен, отворен и пријателски разговор. За жал, посочи тој, досегашните разговори не биле такви, и не по вина на бугарската страна.

На состанокот, рече Каракачанов, тој, премиерот Бојко Борисов и министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, ги изложиле цврстите позиции на Бугарија, кои се јасни и категорични и целосно се совпаѓаат со Рамковната позиција на бугарската влада од октомври минатата година, која ја одобри и бугарскиот парламент.

„Им објаснивме на нашите колеги од Република Македонија, дека не можеме да направиме никаков компромис со прашањата поврзани со бугарската историја, со идентитетот на бугарските херои и идентитетот на сите оние кои заедно ги нарекуваме дел од заедничката наша историја“, истакна бугарскиот министер за одбрана, потенцирајќи дека разговорите се воделе без преведувач, но дека се надева дека македонската страна ги разбрала.

Оттука натаму, порача тој, на македонската страна е да ја прилагоди својата политика, бидејќи никогаш не е доцна, односно подобро доцна отколку никогаш.

„Одовде натаму сѐ е во рацете на колегите од Скопје, макар што има неколку дена до крајот на процесот, до петок, тие имаат можност брзо да корегираат сѐ она што досега пропуштиле, па да видиме дали тоа ќе биде доволно за почеток на преговорите со Република Македонија. За да нема никакви сомнежи, потенцирам дека бугарската страна нема намера и не отстапи ниту милиметар од Рамковната позиција од 9 октомври 2019 година“, рече Каракачанов.

Прашан дали има промена во позицијата на македонската страна, тој посочи:

„По денешната средба, мислам, дека се промени едно – тие разбраа дека Бугарија не води некаква политика на инает, туку принципиелна политика. Исто така разбраа дека Бугарија е суверена држава и има свое достоинство, своја суверена и независна политика и не потпаѓа под влијание на било која друга европска или светска престолнина“.

Прочитајте и:  Мицкоски: Со Макрон отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон ЕУ

Прашан за обвинувањата дека Бугарија се обидува да изнуди отстапки од Македонија, Каракачанов рече:

„Не, ние не ги уценуваме. Бугарија не претендира за дел од нивната историја по 1944 година. Ние не сакаме ниту Јосип Броз Тито да биде бугарски херој, ниту српските полит-комисари или српските терористи кои дошле од Белград и убивале наши војници – да бидат наши херои. Тие претендираат за дел од нашата историја. Таа историја е заедничка, таа не е на некаква измислена нација, нација измислена во Москва во ’34-та година. Така што, никој никого не уценува. На крајот на краиштата, не е Бугарија кандидат за член на ЕУ, туку Македонија е кандидат-член. И би следувало дека кандидатот за членство треба да го исполни правилото на ЕУ во кое вели дека пред да станеш член на ЕУ, не треба да имаш отворени прашања со соседите.

Сите овие пораки, инаку, Каракачанов ги испрати од бугарскиот град Самоков, каде денеска присуствуваше на откривање на споменик на Гоце Делчев, заедно со градоначалникот на Самоков, пратеници во бугарскиот парламент, делегација на Македонскиот научен институт (МНИ, организациjа за научни истражувања во Бугарија), заменикот управител на Софиска област, членови на Здружението на бугарските родови во Македонија и други, а на кое поканет беше и премиерот Зоран Заев. Прашан зошто македонската делегација не присуствува, Каракачанов одговори:

„Не можеа да дојдат, брзаа да се вратат во Скопје и да почнат да работат по сите предлози кои ги понудивме на заедничките средби кои траеја од десет изутрина до скоро 17 часот“.

- Реклама -