ТВ водител ги соочи Бугарите со непријатната вистина – Бугарија „им платила воз“ до Треблинка на 4.100 депортирани Евреи, меѓу кои 600 деца

„Целосен консензус за триумф на посилниот. А Бугарија денес е посилна, барем според нашата претстава, затоа што покрај членка на НАТО, каде членува и Република Северна Македонија, сме членка и на Европската унија, а според нејзината регулатива, можеме да ставиме вето и да го определуваме текот на интеграцискиот процес на секој следен кандидат. Сѐ тоа ќе изгледаше само срамно ако немаше и нешто многу тажно“, коментира бугарскиот новинар и ТВ аналитичар – Георги Коритаров, во емисијата „Слободна зона“ на ТВ „Европа“, за цврстата позиција на Бугарија за блокада на Македонија, широко поддржана во земјата.

Тоа тажно, вели Коритаров, е во непрочитаната (според него, дел поради неудобност, а дел поради очекување да се случи нешто морално и демократско) многу понова историја. Како што објаснува, се работи за историјата која во Софија ја карактеризираат како заедничка историја меѓу Бугарија и Република Северна Македонија, но ни помалку ни повеќе, туку до 1944 година. Коритаров појаснува дека според бугарската верзија на историјата, тоа не е просто споделена историја, туку е заедничка историја на еден и ист народ – бугарскиот.

„Е па еве што се случувало една година пред таа 1944 година, причинето од бугарскиот народ врз ‘другиот бугарски народ’, како што вели бугарската верзија“, посочува Коритаров во прилогот, во кој презентира документ објавен на македонскиот портал „Експрес.мк“, а кој се однесува на депортацијата на Евреите од Македонија во Треблинка во 1943 година. „Погледнете го, добро прочитајте го“, порачува Коритаров до бугарските гледачи:

Документот всушност беше објавен на Твитер, а мотивиран од уцените од Бугарија во однос на почетокот на ЕУ преговорите, и покажува кој вистински бил одговорен за депортација до конц-логорот Треблинка на 4.100 Евреи од Македонија, односно Скопје.

Како што посочува „Експрес“, од вкупниот број депортирани Евреи кој се споменува во документот, над 3500 биле возрасни, а речиси 600 биле деца на возраст од 4 до 10 години.

Како што посочува и Коритаров, приложениот документ е копија на вистински факсимил на Главната дирекција на железниците и пристаништата, односно железничарската каса на бугарското официјално Патничко биро – „Балкан“, наменет за Комесаријатот за еврејски прашања. Како што е наведено во самиот документ, два воза до Треблинка биле испратени токму на барање на Комесаријатот за еврејски прашања, а факсимилот се издава токму за да му послужи на Комесаријатот како потврда дека ги подмирил трошоците за депортацијата, во вкупен износ од 7.144 милиони лева.

Прочитајте и:  Мицкоски: Со Макрон отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон ЕУ

„Од тој текст следува нешто што луѓето што го учеле и се бават со проблемот одамна го знаат – Бугарија е активен идеен коавтор и своевиден иницијатор на депортацијата на еврејското население од Македонија во логорите на смртта, а не како што се обидуваат да ја претстават – зборувам за царството и за пронацистичкото раководство на Богдан Филов и на Борис Трети – жртва на нацистички притисоци или влијанија“, посочува Коритаров во прилогот.

Според верзијата на официјална Софија, важно е да се напомене, во Македонија немало бугарска окупација, туку само бугарска администрација во која работеле Македонци. ТВ аналитичарот Коритаров, меѓутоа, очигледно не мисли така:

„Имено поради наведеното, вистината и расчистувањето на односите меѓу Бугарија и денешна Република Северна Македонија треба да започне од едно вистинско покајание и признание за историската вина на царството Бугарија, не само како фактор за окупирање на соседни територии, туку и како фактор во извршувањето на едно од најморничавите злосторства – депортацијата на тамошното еврејско население, а со цел, можеби, да му се угоди на Хитлер и по војната, ако тој би ја добил, тој дел од поранешното Кралство Југославија да биде засекогаш присоединет кон Бугарија. При таква историја, јас не знам кој за какви кражби може да зборува и дали воопшто е важно што бил Гоце Делчев по својата самоопределба, споредено со она што ви го прочитав“, завршува Коритаров. Видеото можете да го погледнете на следниов ЛИНК.

- Реклама -