Претседателот на Обединети за Македонија и коалиционен партнер на СДСМ и Зоран Заев, Љубе Бошкоски, се огласи по денес објавената снимка против лидерот на владејачката партија. Не само што Бошкоски рече дека нема проблеми во коалиционата соработка со Заев, туку и го пофали за неговата демократска големина и патриотизам:
„Во врска со објавениот разговор, сакам да изјавам дека:
ДПМНЕ на чело со Груевски и Мијалков се тие што му ја расплакаа мајката на народот, а не Заев. Груевски и Мијалков газеа врз моето достоинство, не Заев. Јас сум во коалиција со Заев и три години влакно не ми фали.
Заев е човек со историска демократска големина во себе, затоа што иако на политичката оска сме различни, тој докажа дека правдата и македонскиот патриотизам се над политичката идеологија.
Време е за довршување на демократизацијата на земјата, за да може да имаме чиста, европска борба на идеи и идеологии“, напиша Бошкоски.
Заев, претходно, на Фејсбук потврди дека го кажал она што се слуша на снимката, но рече дека се работи за разговор од 2016 година и дека „лошо се изразил“, а дека изминативе години го покажуваат токму спротивното – дека гради коректни и пријателски односи со сите коалициони партнери.