Боки 13 денеска треба да даде исказ во Обвинителството, тврди дека има несоборливи докази за дел од владејачката елита

Бојан Јовановски алијас Боки 13 денеска треба да даде исказ во Основното јавно обвинителство – Скопје, а не кај шефицата на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција – Вилма Русковска, како што информираа дел од медиумите.  Како што објави „Телма“, Боки 13 претпладнево е префрлен од истражниот затвор во Шутка во скопското обвинителство, по претходна дозвола од Кривичниот суд.

Како што пренесува „Канал 5“, според информации од неговиот адвокат Сашо Дуковски, исказот е по барање на самиот Јовановски, кој минатиот четврток на 18 јуни беше осуден на вкупно 9 години затвор за случајот „Рекет“, за „примање награда за противзаконито влијание“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“. Како што открива тој,  Боки 13 тврди дека има несоборливи докази за вмешаност во сериозни криминали на дел од политичката елита на власта.

Според информациите на „Алсат“, пак, Боки 13 ќе поднесе неколку кривични пријави до неколку функционери – за измама, тортура, злоупотреба на службената положба и овластувања, како и лажен исказ.

Минатата недела, по пресудата, Боки во судницата изјави дека „парите рекетирани во оваа Македонија“ треба да се бараат кај Зоран и Вице Заеви и дека одвај чека да отиде во Обвинителството да ги пријави, како што рече, сите кривични дела за сите вистински сторители на кривични дела во оваа земја.

Минатата недела, исто така, неговиот адвокат Дуковски во гостување во „ТВ 24“, најави дека кривичните пријави, меѓу нив и за шпионажа, ќе се однесуваат на актуелни функционери, како и на Орце Камчев:

„Поднесовме барање Бојан на 25 овој месец да биде однесен во Обвинителство за да поднесе кривични пријави за сето она што го знае. Средбата со обвинителот Јовевски ја бараме за да пријави криминал. За злоупотреба на службена положба, за измама, за шпионажа… За актуелни функционери. И против Орце Камчев“, рече адвокатот.

- Реклама -