Министерството за здравство демантира дека има било каква политичка позадина зад владината одлука за целосно отворање на границите за слободен проток на граѓани без потреба од ПЦР тест и 14-дневна самоизолација, откако во медиумите беше објавена информација дека Комисијата за заразни болести не препорачала такво нешто и членовите биле изненадени од одлуката.
„Во врска со објавените написи околу тоа дека Комисијата за заразни болести не препорачала отворање на границите, Министерството за здравство целосно ја демантира оваа информација како невистинита и информира дека на состанокот на Комисијата на заразни болести од 22 јуни 2020 година, Комисијата донесе одлука за препорака за отворање на границите и таа одлука заедно со другите одлуки и препораки за отворање на економски субјекти се доставени до Владата на Република Северна Македонија“, велат од Министерството за здравство.
И техничкиот премиер Оливер Спасовски, на денешната прес-конференција, беше категоричен дека одлуката нема поврзаност со изборниот процес и се базира исклучиво врз проценката на епидемиолозите.