Прогласени уште 14 дена вонредна состојба, одлуката нема врска со изборите – вели Пендаровски

„Бројот на новозаболени и за жал починати наши сограѓани започна да расте во последниве денови. Точно е дека во најголемиот број од општините ситуацијата е стабилна, но, за неколку општини постои сериозна загриженост“, истакна претседателот Стево Пендаровски по седницата на Советот за безбедност, најавувајќи продолжување на вонредната состојба за уште 14 дена:

„Почитувани, имајќи го во предвид последниот развој на настаните и зголемениот број на заразени и починати лица, во текот на денешниот ден ќе донесам одлука за прогласување на нови 14 дена вонредна состојба која ќе започне да тече од утре“, соопшти Пендаровски.

Тој потенцираше дека одлуката нема никаква поврзаност со датумот на кој би се одржале парламентарните избори:

„Сакам посебно да нагласам дека одлуката за новите 14 дена е поврзана исклучиво со намерата да им се овозможи на Владата и на останатите надлежни институции поефикасно да се справуваат пред сѐ со здравствените, но и со економско-социјалните ефекти од пандемијата и нема никаква корелација со датумот на парламентарните избори што е предмет на договарање во поинаков политички формат и по сосема други комуникациски канали различни од советот за безбедност“, образложи претседателот.

- Реклама -