СЗО предупредува: Можен е „втор пик“ во било кое време

Светската здравствена организација предупреди дека земјите во кои се чини дека вирусот се повлекува сѐ уште можат да се соочат со „втор пик“ ако прерано ги попуштат мерките за спречување на епидемијата. Овој втор пик може да се случи уште веднаш, како дел од првиот бран на коронавирусот, посочува СЗО.

Директорот за итни ситуации на СЗО – д-р Мајк Рајан, посочи дека иако бројот на случаи се намалува во многу од земјите, се случува пораст во Централна и Јужна Америка, Јужна Азија и Африка.

Ако мерките за спречување на првиот бран се олабават прерано, предупреди тој, можно е стапката на зараза потворно брзо да порасне:

„Мораме да сме свесни за фактот дека можен е скок на болеста во било кое време. Не смееме да се водиме по претпоставката дека само затоа што болеста е во опаѓање сега – ќе продолжи да опаѓа и понатаму, ниту по претпоставката дека имаме барем неколку месеци да се подготвиме за втор бран. Можеме да имаме втор пик во овој бран“, рече Рајан.

Според Рајан, земјите во Европа и Северна америка треба да продолжат да ги имплементираат мерките за јавното здравје и социјалните мерки, мерките за следење, тестирање и да имаат и да се придржуваат до темелна стратегија, со цел да продолжат по надолната траекторија и да избегнат втор пик многу наскоро.

 

- Реклама -