„Членството на Северна Македония во Европската унија е важно, но не може да се случи на наша сметка, прекројувајќи ја историјата“, порача бугарскиот премиер Бојко Борисов во изјавата за медиумите по консултативната средба на тема „Разгледување на билатералните односи меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија во контекст на постигнатите резултати од работата на Мешовитата мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања и очекуваната покана кон Македонија за приклучување кон Европската унија“, пренесува бугарската агенција „Фокус“.
„Комисијата сработи многу. Досега остварија седум средби. Има доста прашања по кои пред неколку години никој не мислеше дека е возможно да постигнеме согласност. Секогаш велам, дека до вчера велевме дека сме еден народ. Нека прифатиме дека сме братски народи. Нека не продолжува таа yбиcтвена вojна од страна на Скопје, зашто ние немаме поблизок народ и луѓе. Да ја запреме поради тоа Северна Македонија на патот кон ЕУ, тоа би било запишано во историјата, дека откако сите 27 членки на Унијата ја поддржале, токму Бугарија ја запрела. Темата за Западниот Балкан беше издигната на највисоко ниво. Ние сакаме и Албанија да оди заедно со преговорите за Северна Македонија. Никогаш не сме се поставиле и не сме рекле дека безусловно го поддржуваме нивниот влез во ЕУ. Ние имаме 71 инструмент попат, мислам дека толку се поглавјата за преговори. Нека престанат да си играат со историјата и минатото и нека се фокусираат кон иднината“, рече Борисов.