30 години подоцна: Чале, дипломиравме!

Една животна приказна што сметавме дека треба да ја споделиме. Море, сигурни сме дека треба. Ја пишува Славимир Стојановиќ Футро – дизајнер од Белград, добитник на награда за животно дело, кој до скоро беше „вечити студент“. После 30 години, веќе не е.

„Денес завршив факултет. Академија за применета уметност во Белград запишав во 1987 година. Цел еден живот, точно 30 години подоцна, со полагање на последниот испит од Психологија, на кој добив 10-ка, успеав конечно да ја завршам. Во историјата влегувам како, најверојатно, единствениот кој прво има добиено Награда за животно дело, а дури потоа дипломирал од истата таа област.

Меѓутоа, оваа животна приказна не е нималку едноставна за да може да се опише во пар зборови. Имено, моите родители Лилјана и Момчило ме добиле додека биле многу млади, само на 20-тина години. Мајка ми претходно запишала економија, татко ми геологија. Двајцата ги напуштиле факултетите кога јас сум се родил. Татко ми почнал да работи на бензинска пумпа, а мајка ми како секретарка во општинската младинска конференција. Татко ми во два наврата пробал да заврши градежен факултет кој вонредно го запишал во Суботица, но не му пошло од рака.

Татко ми е посебен случај. Кога имал 14 години, неговиот татко Славомир – по кого сум го добил името, тешко се разболел и со месеци бавно умирал прикован за постела. Во тој период татко ми завршувал осмо одделение и сонувал да се запише во Средно архитектонско училиште. Отишол на приемен. Кога се вратил дома, на татко му кој бил на умирачка можел само да му каже дека не е примен, дека е прв под линијата. Таа траума го нема напуштено сé до ден денес, кога има 70 години.

Меѓутоа, кога јас се запишував на Академија, чале инсистираше да дојде со мене и да биде тука цело време. Кога дојде денот да се објават резултатите, не ме пушти да пријдам ни близу до огласната табла. Сé што памтам се неговите раце и глава кои од толпата се приближуваа со отскокнување и громогласно: Стојановичу, примен си!!! Јас за тежината на тие негови зборови и за значењето на таа ситуација за него не бев воопшто свесен, бидејќи приказната за неговото Средно архитектонско ми ја раскажа дури минатата година, на годишницата од смртта на мајка ми. Таа никогаш не заврши факултет. Татко ми исто, а ни мојот помлад брат Неша.

Студирав уредно и предано четири години, а кога требаше да ја комплетирам таа четврта година, почнаа ескалациите во судирот во Босна. Јас, благодарение на фактот што имам вујко во Гетеборг, отидов таму и се запишав без проблем на прочуената HDK – Висока школа за дизајн, кај професорот HC Ериксон. Меѓутоа, после пар месеци студирање, воведени се санкции против Југославија, а мене, на жалост, ми е оневозможено понатамошно студирање. Разочарувањето во тој момент не морам ни да ви го објаснувам. Цел систем по кој со години мошне успешно се качував, се сруши како да е од чечкалици.

Моето решение беше да бидам што поуспешен во работата, која благодарение на упорност и огромен труд успеав да ја добијам во агенцијата Saatchi & Saatchi во Белград. Стотината награди кои од тогаш ги имам добиено беа моја потсвесна камуфлажа за незавршените формални студии. 2003-та година, додека живеев во Словенија, се запишав на Универзитетот за уметност во Љубљана, во обид да ги завршам студиите. Добив индекс, ама не отидов на ниту едно предавање. Тогаш само што ја основав својата фирма и работата комплетно ме преокупираше. По враќањето одново се запишав на Академијата во Белград, во 2008-ма; тогаш мојата Оља беше трудна со Наѓа. Сметав дека, кога веќе идната мама заврши факултет, не е баш во ред идниот тато да нема завршено.

Меѓутоа, мајка ми Лилјана се разболе и умре две недели пред да ни се роди Наѓа. Немаше шанси да се составам и да го довршам факултетот. Повторно го запишав во 2012-та, кога мислев дека сум доволно силен да можам. Не бев. Но, кога ќерка ми заврши прво одделение и кога ја видов нејзината книшка полна со пофалби од учителката, не можев веќе да бидам татко на таа и таква Наѓа без да завршам факултет. Го запишав, смогнав сили да ги дадам сите преостанати 10 испити, кои ги положив со скоро сите 10-ки.

Сериозно се потрудив, немаше воопшто шега во сето тоа… учев, пишував семинарски, се преслушував на глас во своето студио, сам… студентите со кои заедно полагавме испити ме гледаа со чудење, неверувајќи дека оној ист дизајнер од телевизија нервозно го стега индексот исто како и тие. Ова искуство дефинитивно ми го промени гледиштето кон самиот себе, ми го продлабочи постоењето и ми отвори потполно нови полиња на свест и способности. Луѓе, се победив сам себе, заради себе. Чале, завршивме факултет!!!“

Линк до постот: КЛИК

- Реклама -