3 заблуди за глобализацијата кои последниве 40 години целосно ги побиваат

Од раните 1980-ти наваму, се развија три верувања околу глобализацијата:

МИТ 1: Дека глобализацијата води кон намалување на светската нееднаквост
МИТ 2: Дека високиот раст на приходите кај најбогатите ќе ги зголеми и приходите на најсиромашните
МИТ 3: Дека не постои алтернатива за растечката нееднаквост без да им го свртиме грбот на трговијата и технологијата

Арно ама, неодамна објавениот Извештај за светска нееднаквост (World Inequality Report), кој е првата детална студија која темелно ги истражува трендовите на богатството и нееднаквоста на приходите кај богатите и земјите во развој во последниве 40-тина години, ги побива овие тврдења.

РЕАЛНОСТ 1: ГЛОБАЛИЗАЦИЈАТА ДОВЕДЕ ДО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА СВЕТСКАТА НЕЕДНАКВОСТ, А НЕ ДО НАМАЛУВАЊЕ 

Нееднаквоста меѓу индивидуите ширум светот е резултат на две конкурентни сили: 1) нееднаквоста меѓу земјите, и 2) нееднаквоста во самите земји. На пример, големиот раст во Кина и Индија придонесе за значителен глобален пораст на приходите, па како резултат се намали нееднаквоста меѓу земјите. Меѓутоа, нееднаквоста во самите овие земји порасна значително. Делот од приходите „резервиран“ за најбогатите 1% од Индијците се зголеми од 7% на 22%, а во Кина од 6% на 14%, во периодот од 1980 до 2016-та. Со други зборови, богатите станаа уште побогати, но гледано на хартија, зголемен е глобалниот просечен приход на Индија и Кина.

Заклучокот од извештајот е запрепастувачки. Слично како со Кина и Индија, во периодот меѓу 1980-та и 2016-та, нееднаквоста меѓу светските жители е зголемена, и покрај забележителниот раст на дел од пазарите во развој. Така, делот од глобалните приходи резервиран за најбогатите 1%  на планетата, пораснал од 16% во 1980 година, до 20% во 2016 година.

Делот од глобалните приходи резервиран за најсиромашните 50%, пак, целото тоа време се движи околу 9%. Најбогатите 1%, кои заработуваат по повеќе од 13.500 долари месечно, глобално бележат дупло побрз раст на приходите отколку најсиромашните 50%, во наведениот период.

РЕАЛНОСТ 2: ПРИХОДИТЕ НЕ СЕ СЛЕВААТ НАДОЛЕ КОН СИРОМАШНИТЕ

Второто верување инсистира дека високиот раст на врвот (меѓу најбогатите) е неопходен за да се постигне делумен раст на дното. Со други зборови, дека растот на нееднаквоста е неопходен за да се подигнат стандардите на живот и меѓу најсиромашните.

Податоците покажуваат друго. Кога ќе ги споредиме Европа и САД, или Кина и Индија, јасно е дека земјите во кои е забележан раст во нееднаквоста, не се баш успешни во зголемувањето на приходите на нивните најсиромашни граѓани.

САД се најекстремниот контрааргумент за вториот мит: Додека приходите меѓу најбогатите 0.001% од Американците пораснале за 600% од 1980-тите наваму, најсиромашната половина од населението е всушност исклучена од економскиот раст, со речиси 0% зголемување на нивните годишни приходи.

Од друга страна, растот меѓу најбогатите 0.001% во Европа бил 5 пати помал отколку во САД, но затоа најсиромашната половина од населението напредувала многу подобро, со зголемување од 26% во приходите, во периодот од 1980 до 2016 година.

Иако митот за слевање на приходите од најбогатите кон сиромашните е побиен, сé уште е врежан во голем број од тековните политики. На пример, преку идејата дека високиот раст на приходите кај богатите е предуслов за креирање на работни места и раст меѓу најсиромашните.

РЕАЛНОСТ 3: ЗА НЕЕДНАКВОСТА НАЈВИНОВНИ СЕ ПОЛИТИКИТЕ, А НЕ ТРГОВИЈАТА И ТЕХНОЛОГИЈАТА

Често се зборува дека растечката нееднаквост е неизбежна – дека е природна последица од отворената трговија и дигитализацијата, последица против која владите се тотално немоќни.

Но бројките повторно покажуваат дека проблемот е нешто друго. САД и Европа, на пример, во 1980 имаа прилично еднаква популација и просечни приходи, како и слично ниво на нееднаквост. И двата региона беа изложени на меѓународна трговија и нова технологија, но траекториите на нееднаквоста во нив значително се разликува. Во САД, делот од приходите за најсиромашните 50% се намали од 20% на 10%, додека во Европа се намали „само“ од 24% до 22%.

Тоа упатува дека сепак клучниот фактор се политиките. На пример, додека прогресивниот данок (колку повеќе плаќаат богатите во процент) во САД беше прилично занемарен, во Европа му посветуваа повеќе внимание. Во 1960-тите САД имаа највисока минимална плата во светот, но оттогаш е намалена за 30%, додека во Франција минималната плата порасна за 300%. Високото образование во САД е скапо, додека во неколку европски земји е бесплатно. Слично е и во здравството; додека во Европа во неколку земји имате унниверзален пристап до прилично квалитетно здравство, во САД има милиони Американци што немаат пристап до здравствено осигурување.

* * *

Преиспитувањето на овие упорни митови околу глобалицазијата и нејзиниот импакт врз светската нееднаквост сега е поважно од било кога. Податоците, и нивната примена, од Извештајот за светска нееднаквост е само првиот чекор во рушење на овие митови, и генерирање на нов јавен дискурс кој има потенцијал за долгорочна и системска промена кон подобро, пишува Harvard Business Review.

- Реклама -