Поповски овозможил вработена да биде „редовно присутна“ додека всушност одела да извршува партиски активности

Вчера, по налог на Финансовата полиција, беа уапсени екс-директорот на Централниот регистар – Андреја Поповски, како и четворица негови поранешни соработници. Како што соопштуваат денеска од Основното јавно обвинителство Скопје, против нив е започната истражна постапка.

Поповски се сомничи за Злоупотреба на службената положба и овластување (чл.353 ст.3 во врска со ст.1 од Кривичниот законик), додека останатите четири лица се осомничени за помагање при извршување на кривичното дело.

Како што објаснуваат од Обвинителството, во периодот од 16.12.2014 година до 29.05.2017 година, првоосомничениот Поповски во својство на вршител на должноста директор на Централниот регистар, со пречекорување на границите на своето службено овластување, усно наредил една вработена да биде евидентирана како редовно присутна на работа во месечните листи кои ги изготвувало Одделението за човечки ресурси, иако бил свесен дека цело време вработената воопшто нема да доаѓа на работа, туку ќе биде ангажирана за партиски активности на една политичка партија. Спротивно на законските акти и правилниците на Централниот регистар, таквата листа била доставувана до Одделението за финансиско-сметководствени работи и врз основа на тоа на вработената неосновано и била исплаќана плата и придонеси на плата, со што била нанесена значителна штета на буџетот на институцијата.

Останатите четворица вработени, од кои тројца од Одделението за човечки ресурси на Централниот регистар и едно одговорно лице за работењето на Регионалната регистрациона канцеларија – Скопје, се осомничени дека со умисла му помогнале на в.д. директорот во извршувањето на кривичното дело.

Надлежниот јавен обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, до Основниот кривичен суд Скопје ќе достави Предлог за определување мерка притвор за првоосомниченото лице, соопштуваат од Обвинителството. За тројца од останатите осомничени ќе биде побарано определување на мерки на претпазливост, со цел да се обезбеди нивното присуство во текот на кривичната постапка.

 

- Реклама -