Џафери од Пелинце: Нема посоодветен слоган од овогодишениот – Сите сме деца на Илинден

Нема посоодветен илинденски слоган од овогодинешниот – „Сите сме деца на Илинден“, порача претседателот на Собранието – Талат Џафери, од меморијалниот центар во Пелинце на свеченоста за одбележување на празникот Илинден.

Нашата држава, порача тој, е „спој на различности, уникатен мозаик во кој секој уникатен дел растел и се развивал врз своите корени кои биле и се потврда на долговечноста и истрајноста на народите кои што живееле и биле дел од ова поднебје“. Тој им се заблагодари на граѓаните  за нивната истрајност, за нивната лојалност и за одговорното пренесување на аманетот на Илинденците, со што се потврдува и слоганот.

Џафери истакна дека 28-годишниот пат на државата бил исполнет со премрежија и посочи дека клучната улога ја имале и секогаш ја имаат тие во чии раце е доверена државата, односно секоја досегашна власт, но и секоја досегашна опозиција. „Од нашата визија и мудрост зависи колку ќе ја оправдаме таа скапоцена доверба, колку ќе ги исполниме ветувањата и заложбите“ дадени пред народот – кој е највисокиот суверен, истакна Џафери.

Џафери ги посочи последниве две и пол години како можеби најтешките во историјата на земјава.

„Ова беше период на донесување на тешки, но државнички одлуки, кои го деблокираа нашиот пат кон Евроатланската интеграција и во кој политички созреваа и граѓаните и државата. Се вративме на брзата пруга за евроатланска интеграција и се посветивме на воспоставувањето и градењето на добрососедските односи“, истакна тој, додавајќи дека членството во Европската Унија и НАТО подразбира и владеење на правото и ќе значи европски стандарди за достоинствен живот.

- Реклама -