Здравјето на Меркел повторно во фокус, канцеларката имаше нова „епизода“ (ВИДЕО)

На 18 јуни, при пречекот на украинскиот претседател Володимир Зеленски во Берлин, Меркел не изгледаше добро. Таа неконтролирано се тресеше за целото време додека беа интонирани химните, па за првпат досега нејзиното здравје се најде како тема во јавноста. Сепак, нешто подоцна истиот тој ден, Меркел порача дека се чувствува одлично и дека трите чаши вода го направиле своето, препишувајќи ја „епизодата“ на обична дехидратација и силното сонце, со што во голема мера ги затиши и шпекулациите во јавноста.

Меѓутоа, денеска се случи истото. Додека Меркел (наскоро 65-годишна, на 17 јули) стоеше до германскиот претседател Франк-Волтер Штајнмаер за време на церемонијата за назначување на нов министер за правда, камерите јасно регистрираа дека канцеларката повторно не може да го контролира телото. На моменти канцеларката имаше дури и загрижен израз на лицето, стегајќи ги усните и постојано прекрстувајќи ги рацете во обид да го намали треперењето и веројатно да го сокрие. Но без успех, во еден момент дури и еден од помошниците ѝ подаде чаша вода, што таа ја одби.

Подоцна, прашан дали канцеларката ќе присуствува на самитот на Г20 во Јапонија викендов, портпаролот рече: „Сè ќе се одвива според планираното. Здравјето на канцеларката е добро“.

- Реклама -