Швеѓаните имаат срам од летање, сè почесто одбираат воз

Со долгите и темни зими, не е чудно што Швеѓаните со декади се меѓу нациите кои често летаат во потопли предели. Меѓутоа, во последно време се јавува тренд на одбивност кон користење на авионскиот превоз и сè повеќе Швеѓани одбираат други начини на патување. Причината? Ефектот што авиотранспортот го има врз климата и климатските промени.

Го викаат „Flygskam“ – „срам од летање“, а се однесува на чувството на вина што произлегува од ефектот што авионскиот превоз го има врз животната средина. „Срамежливи“ се најчесто младите Швеѓани, кои сè почесто наместо со авион одбираат да патуваат со воз и почиста совест.

Како еден од предводниците на движењето „воз-наместо-авион“ се смета 16-годишната тинејџерка Грета Тунберг, која практично сама ги инспирираше климатските протести низ светот и која поради своите напори за зачувување на животната средина и кревање на гласот против климатските промени е номинирана и за Нобелова награда за мир. Одбивајќи да патува со авион, таа на пример, на Светскиот економски форум во Давос и климатскиот самит во Катовице патуваше со воз, за разлика од многу светски лидери и бизнисмени.

Движењето ја има поддршката и од сè повеќе јавни личности. Дека ќе „остане на земјата“ (#stayontheground) се колне и шведскиот познат ТВ скијачки коментатор, кој вели дека лани патувал до натпреварите исклучиво со воз. Исто така, неодамна 250 работници во филмската индустрија се потпишаа на статија во најчитаниот шведски дневен весник Dagens Nyheter, во која се повикуваат шведските филмски продуценти што помалку да снимаат во странство (за да се намали потребата од патување). Паралелно, во декември на Инстаграм се појави анонимен профил кој јавно ги прозива и критикува инфлуенсерите и видните личности кои промовираат патување во далечни дестинации.

Базирано врз реални статистики

„Секако дека ме афектира моето опкружување и срамот од летање има удел во тоа како гледам на летањето“, вели на пример Викторија Хелстром – 27-годишна студентка на политички науки од Стокхолм. Минатото лето таа на одмор во Италија заминала со воз, иако нејзините пријатели заминале со авион. Причината била што неодамна патувала со авион, па не сакала ова да биде нејзин втор лет во само неколку недели. „Патувањето можев да си го оправдам единствено ако одам со воз“, вели таа за „Франс 24“.

Колку и да делува… како и да делува, Швеѓаните својот срам од летање го базираат на реални статистики. Според ланското истражување на Технолошкиот универзитет Чалмерс во Гетеборг, емисиите на стакленички и штетни гасови од летањето по глава на Швеѓанец, во периодот од 1990 до 2017 година, се 5 пати повисоки од глобалниот просек. Понатаму, емисиите од меѓународните летови на Швеѓаните пораснале за цели 61% во истиот тој период. Исто така, според податоците на шведскиот Метеоролошки институт, просечната годишна температура во земјата се зголемува двапати побрзо од глобалниот просек.

Во март, World Wildlife Foundation објави анкета според која речиси 1 на секои 5 Швеѓани одбрал да патува со воз наместо со авион за да го минимизира својот импакт врз животната средина. Паралелно, националната железница бележи пораст од 21% во патувањата со воз, а владата планира да воведе ноќни возови до големите европски градови најдоцна до крајот на својот мандат во 2022 година.

Само Швеѓаните ли се срамат од летање?

Засега, трендот нема иста жестина кај соседите, но дефинитивно се забележуваат никулците. Финска, на пример, има своја верзија на изразот „срам од летање“ – „lentohapea”, а во останатиот дел од светот сè попопуларни се хаштазите од типот #flyingless (летај помалку) и #stopflying (стоп за летањето). Со оглед дека просечната CO2 емисија при летањето е далеку повисока од таа на автомобилите и возовите (кај авионите е 285 грама CO2 по воздушен километар, кај автомобилите е 158 грама/километар, а кај возовите е 14 грама/километар), очекувано е популарноста на ваквите хаштази допрва да расте.

Дека не се само Швеѓаните, пример е Фауста Габола – студентка од Италија во Париз. Таа се двоуми дали да прифати понуда да студира во Австралија, и тоа со стипендија. „Сон ми е да одам таму. Се пријавив без да размислувам, но сега сум во дилема. Ќе се чувствувам како лицемер ако отидам“, вели таа за „Франс 24“, алудирајќи на тоа дека ќе мора да патува со авион и со тоа да придонесе во уништувањето на животната околина.

„Секоја одлука за нелетање ги прави ефективно недостапни сите далечни земји“, потсетува политичкиот научник Матилде Зуба од Франција. „Нема замена за летањето. Не можеш да одиш во далечни земји без да се качиш на авион“, заклучува таа.

- Реклама -