„Ќе бидам првиот грчки премиер кој официјално ќе го посети Скопје“, но и „Северна Македонија под новото уставно име“, соопшти Ципрас на Економскиот форум во Делфи. Посетата ја најави за некој од следните месеци, наскоро, а со него, како што рече, ќе поведе и цела бизнис-делегација.
На средбата, функционерите од двете страни ќе ги истражуваат можностите и начините кон продлабочување на билатералната соработка во низа области од заеднички интерес (вклучувајќи трговија, туризам, безбедност, енергија и култура), а ќе биде формиран и висок совет за соработка меѓу двете земји.
Зборувајќи за Преспанскиот договор, Ципрас го нарече „дипломатско ремек-дело“, со кое желбата за дијалог и мирен соживот преовладала над национализмот во двете земји.
„Договорот од Преспа не беше лесен. Би го карактеризирал како дипломатско ремек-дело, бидејќи беше заемно корисен договор, но без никој да добие 100 проценти од неговите аргументи и никој, во исто време, да не се чувствува понижен или обесправен“, истакна Ципрас.
Наместо тоа, „денес Грција и Северна Македонија се соседи кои вложуваат во пријателството, соработката и солидарноста, и соседи кои поставија пример не само на Балканот и Европа, туку и во светот“, порача грчкиот премиер.